Линкови за пристапност

Ново поглавје во односите САД-Северна Кореја или пропаганда на Пјонгјанг? 


Некои аналитичари на мисијата на поранешниот претседател Бил Клинтон на Северна Кореја за ослободување на американските новинарки Лора Линг и Јуна Ли гледаат како на ново поглавје во односите меѓу САД и Северна Кореја. Други, пак, сметаат дека се работи за пропаганда на Пјонгјанг за домашни потреби.

„Допрва треба да се дознае што точно се случило на границата и како новинарките биле третирани во Северна Кореја. Сепак, ова е знак дека има решение за вакви прашања“, вели Боб Диц, портпарол на Комитетот за заштита на новинари со седиште во Њујорк.

Поранешниот претседател Клинтон го посети Пјонгјанг како приватен граѓанин, но стручњаци за Северна Кореја наведуваат дека посетата отворила можност за дополнителен дијалог меѓу двете земји.

Јун Дак-мин, научник од Институтот за надворешни работи и национална безбедност во Сеул, наведува дека посетата на Клинтон на владата на Ким Џонг-ил и` дала дополнителен поттик, односно дека можеби позитивно ќе се одрази на стабилно предавање на власта на неговиот најмлад син, Ким Џанг-ан.

Брајан Маерс, експерт за севернокорејска пропаганда и политичка комуникација при Универзитетот Донгсео во Јужна Кореја, мисли дека посетата на Клинтон ќе ја зајакне претставата на Северна Кореја за вредноста на нејзината нуклеарна програма.

„Власта му вели на народ дека припаѓањето на нивната земја во таканаречениот нуклеарен клуб придонело за драстично подобрување на нејзиниот имиџ во светот. Истовремено, Северна Кореја имаше проблеми со такбата пропаганда, бидејќи ниту еден истакнат политичар од отпочнувањето на програмата не ја посети земјата и со тоа не и` даде на значење. Токму затоа, за нив хуманитарната мисија на Бил Клинтон во Пјонгјанг дојде во вистинско време“, вели Маерс.

Овој експерт смета и дека посетата на Клинтон испраќа збунувачки сигнал за останатиот свет во време кога Вашингтон се обидува да го обесхрабри провокативното однесување на Северна Кореја.

XS
SM
MD
LG