Линкови за пристапност

Многумина Американци со земање на кредити влегоа во криза


Како дојде до економската криз во САД и која е улогата на обичниот потрошувач? Според аналитичарите, клучен фактор е дека голем број на американски семејства позајмуваа и трошеа многу повеќе отколку што навистина можеа да си дозволат.

Економистите оценуваат дека актуелната рецеција во САД е најлоша во последниве шест децении. Финансискиот стручњак Роберт Менинг наведува дека оваа рецесија се должи на однесувањето на потрушувачите, а не на деловниот циклус. Со други зборови, рецесијата е резултат на прекумерното позајмување на американските семејства.

„Американците достигнаа ниво на историски, досега невиден потрошувачки долг“, коментира Менинг, кој е основач на Институтот за одговорно ослободување од долгови - непрофитна организација која произведува софтвер за финансиски совети.

Менинг вели дека зголеменото позајмување е поврзано со намалувањето на реалните приходи: „Од 2001-ва - наваму, реалните приходи во САД се намалија за околу 2,5 до 3 проценти и Американците се обидуваа да ја надополнат разликата преку земање на релативно ефтини кредити“.

Кредитот беше нашироко достапен, бидејќи олеснувањето на федералните банкарски регулативи причини финансиските институции да се фокусираат на краткорочни добивки.

„Едноставно, во тој период на дерегулација секој се обидуваше да направи профит од квартал во квратал, што изврши притисок врз многу други финансиски институции да преземат поголем ризик“, коментира Менинг.

На пример, компаниите за кредитни картички нудеа поголеми заеми со пониски каматни стапки, а банките почнаа да нудат кредити за куќи на се` поголем број луѓе под мошне привлечни услови на краткорочен период.

„Луѓето добиваа кредити за куќи во вредност од два,три, па дури и четирипати повеќе отколку што навистина можеа да отплатат. За првите две години од исплатата добиваа примамливи, прилагодливи каматни стапки од можеби 1,9 или 2,9 проценти“, вели Менинг.

Подоцна, условите на заемот се менуваа, каматните стапки се зголемуваа, а со тоа и месечните суми за исплата на кредитот.

Според Лесли Линфилд од непрофитниот Институт за финансиско образование, овие таканаречени секундарни кредити и други заеми од висок ризик практично донесоа драстични промени во она што го нудат финансиските институции.

„Кога ја започнав кариерата како банкар во 1980-те, имавме само неколку вида на кредити. Сега, појдете во која и да е банка, ќе ви извадат огромна папка со најразлични видови на кредити, а дури ни тие не знаат што точно што се обидуваат да ви понудат. Муштеријата, нормално, е збунет“, вели Линфилд.

Таквиот ингорантски и неодоговорен однос кон земањето заем резултираше во лоши одлуки – земање на лоши заеми, додава Линфилд.

Но, се` додека цените на недвижнините растеа, ретко кој беше загрижен за тоа дека купувачите на домови не ќе можат да ги плаќаат зголемените рати.

„Агресивните маркетинг-тактики придонесоа за зголемување на вредноста на куќите и кога луѓето започнаа да имаат проблеми со заемите - во 2004, 2005 и во 2006-та, тие и натаму можеа да ги продадат домовите за повеќе од нивната реална вредност и за повеќе од сумата за која ги купиле. Инвеститорите кои им даваа кредити за тие домови лесно можеа да ги добијат своите пари назад“, вели Менинг.

Пазарот на недвижнини им овозможуваше на потрошувачите да го игнорираат и се` поголемиот долг на нивните кредитни картички.

„Тогаш банката ќе ви понудеше да го рефинансирате вашиот долг на кредитни картички во рамки на нов кредит за вашата куќа, бидејќи нејзината вредност на пазарот на недвижнини во меѓувреме нараснала. Значи, земате друг заем базиран на вредноста на својот дом и го користите за исплата на долгот на кредитните картички“, раскажува Менинг.

За Сем Џердано од Американскиот институт за банкрот, сопствениците на домови западнаа во вообичаениот мит за цените на недвижнините: „Претпоставуваа дека вредноста на нивите домови секогаш ќе се зголемува. Од сите можни погрешни претпоставки, можеби некој им кажал дека домот е нивната најдобра инвестиција “, вели Џердано.

Колективното верување во оваа теорија, предочуваат стручњаците, придонесе за појава на таканаречениот надуен пазар на недвижнини. Како што објаснува Роберт Мениниг, на крајот на пазарот имаше премногу домови за продажба: „Сопствениците на домови започнаа да ја чувствуваат кризата. Не можеа да ги подмират се` поголемите месечни рати на кредитите, ниту пак да ги продадат куќите. Во 2007-ма и инвеститорите почнаа да губат огромни суми на пари“.

Таа година ситуацијата стануваше се` полоша – постојано се зголемуваше бројот на куќите загубени под хипотека. Многумина вината за овој тренд ја фрлаат на кредиторите, но Сем Џердано коментира: „Сите имаат одговорност, и позајмувачите, и оние кои нудеа заеми - сите придонесоа за ситуацијата во која се наоѓаме денес“, вели Џердано.

Обете групи сега се пред тешки предизвици да го расчистат финансискиот хаос во наредните месеци, па и години.

XS
SM
MD
LG