Линкови за пристапност

Визната либерализација поздравена и од власта, и од опозицијата во Македонија


„Ова е голем успех на граѓаните, на Македонија и на европската идеја во земјата“ – вака македонскиот премиер Никола Груевски ја коментираше очекуваната одлука од Брисел за уривање на шенгенскиот ѕид за Македонија. Тој коментираше дека ова за македонската Влада ќе значи поттик за продожување на реформите за постигнување на крајната цел - датум за почеток на преговорите и конечно членство во ЕУ.

„Некои можеби ќе се обидат овој успех да го оспорат, некои ќе се обидат заради дневна политика да го претворат во поле за препукување и дополнителни поделби, но ова е реален успех и сите треба да сме горди на тоа“, рече Груевски на прес-конференцијата по официјалната одлука од Брисел.

Успехот, според Груевски, е доказ дека Европската унија има рамноправен партнер на овие простори.

Евроамбасадорот Ерван Фуере, кој заедно со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ја следеше одлуката во живо во Европскиот инфо-центар во Скопје, изјави дека тоа е признание за исполнување на неопходните реформи во областа на полицијата и во сите други сектори во општеството, посебно на цивилното општество, за промовирањето на важноста за укинување на визната бариера и уверувањето на јавното мислење во ЕУ за важноста на решавање на ова прашање.

„Ова е добар пример за Владата дa демонстрира иста таква волја и посветеност во исполнувањето на останатите критериуми и дека мора да се вложуваат напори во следните неколку недели за да се постигне прогрес бидејќи секој ден е важен“, истакна Фуере. Тој беше дециден дека визната либерализација за Македонија не може да биде ставена под знак прашање, бидејќи сите критериуми се исполнети.

За разлика од еврокомесарот за проширување на Унијата Оли Рен, кој не беше дециден дали одлуката за визна либерализација ќе мора да ја почитува и Грција, евроамбасадорот Фуере истакна дека Грција е членка на шенгенската зона и доколку во октомври таа одлука биде потврдена, таа ќе се применува во сите земји-членки.

Министерката Јанкулоска не можеше да каже дали одлуката за визно олеснување ќе се однесува на сите македонски граѓани или само на оние со биометриски пасоши, но рече дека многу брзо сегашните 65 проценти од популацијата која поседува вакви пасоши, ќе достигне до 100 проценти.

Одлуката на Брисел е добра, очекувана и посакувана, но не смее да биде замена за датумот за преговори за членство во Унијата - се реакциите на македонските пратеници. Сите, без исклучок сметаат, дека ова е одлична вест од Брисел. Додека владејачкото мнозинство упати честитки до државните инстуции за сработеното, опозицијата со порака до власта – „да не се опушта“.

„Ова не треба да се смета како клучен триумф. Ова е охрабрување на Владата и властите да ги преземат клучните чекори за добивање датум за отпочнување преговори“, изјави Цветанка Иванова, координаторка на пратеничката група на СДСМ.

Партиите на етничките Албанци сметаат дека сега Владата треба да посвети повеќе внимание на решавање на проблемот со името, воспоставување добри односи со сите соседи и имплементација на Охридскиот рамковен договор, навреме и во целина.

XS
SM
MD
LG