Линкови за пристапност

Почна распитот за потврдување на Сотомајор


Во Сенатот започна распит за потврдување на Соња Сотомајор на местото судијка во деветечлениот Врховен суд на САД. Доколку биде потврдена, 55-годишната њујорчанка ќе биде прв судија од латиноамериканско потекло во Врховниот суд и трета жена која служела во него.

Сотомајор се обиде да ја смири загриженоста на републиканците за нејзините судски одлуки, подвлекувајќи дека ќе го следи законот во секој судски случај. Таа пред Сенатската комисија за правосудство на првиот ден од распитот кажа дека судијата нема работа да создава закони, туку да ги применува. Сотомајор додаде дека нејзиното лично и професионално искуство и` помагаат да слушне и да разбере за што се работи, но дека законот е тој што го диктира резултатот во секој судски случај.

Претседавачот на Комисијата, демократскито сенатор Патрик Лејхи ги пофали постигнувањата на Сотомајор и нејзината репутација како судија. Тој повика на чесен распит и да не се извртува нејзиниот учинок.

Но, републиканците изразија загриженост дека нејзиното искуство како латино-Американка ќе влијае врз нејзините одлуки, наместо да биде непристрасна.

Највисокиот по ранг републиканец во комисијата Џеф Сешнс најави дека нема гласа за кандидат кој дозволува сопственото потекло, предрасудите или симпатиите да влијаат на одлуките.

Републиканците сакаат Сотомајор да објасни некои свои јавни коментари и пресуди за случаи поврзани со расни прашања, меѓу кои и коментарот дека „умна латино-Американка“ би носела подобри правни одлуки отколку бел маж без исто животно искуство. Сешнс рече и дека го мачат и некои од пресудите на Сотомајор, како онаа што се однесува на случај со наводна дискриминација, а што неодамна беше преиначена од страна на Врховниот суд.

XS
SM
MD
LG