Линкови за пристапност

Пред патувањето на Барак Обама во Русија:  Балансирање на прагматизмот и принципите


Иако претседателот Обама допрва треба да ги изложи деталите за политиката на САД спрема Русија, Кремљ вели дека добива позитивни сигнали од неговата администрација, за шансите за обнова на односите меѓу Москва и Вашингтон. Но, руските активисти за граѓански права се загрижени дека Обама можеби се залага за прагматична политика што ќе ги подобри билатералните интереси, но не и принципите за демократија во Русија.

Во мај, претседателот Обама на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој беше во посета на Вашингтон, му порача дека САД и Русија имат одлична можност да ги обноват билатералните односи по бројни прашања.

„Од нуклеарно оружје, до ширење на нуклеарното оружје, ситуацијата во Авганистан и Пакистан, за пристапот кон иранското прашање, Блискиот Исток, комерцијалните односи меѓу двете земји и како се справуваме со финансиската криза која предизвика проблеми за светската економија воопшто", изјави Обама.

Министерот Лавров одговори позитивно:

„Сметам дека работиме на мошне прагматичен, деловен начин, врз основа на заеднички интереси онаму каде имаме исти ставови, и меѓусебна почит, онаму каде што имаме несогласувања, обидувајќи се да ги намалиме несогласувањата во полза на нашите земји и меѓународната безбедност", вели Лавров.

Еден од поголемите заеднички интереси е намалување на нуклеарниот арсенал. Американскиот и рускиот претседател ќе добијат извештај за напредокот во однос на новиот договор што треба да го замени Договорот за стратешко намалување на оружјето. Напредокот по новиот договор, може да води кон потесна соработка за други прашања, велат експертите.

Полицијата во Русија честопати користи сила за да ги задуши опозиционите демонстрации, покренувајќи го прашањето за тоа како Кремљ се справува со дисидентството и човековите права. Активистите за човекови права во Русија велат дека ова прашање би требало да биде на врвот на агендата на претседателот Обама за време на посетата на Русија, но сепак се стравува дека тоа нема да се случи.

Во март годинава, рускиот претседател Дмитри Медведев во Кремљ се сретна со поранешните американски сенатори Чак Хагел и Гери Харт. Членови на двопартиската комисија за политиката на САД спрема Русија. Иако комисијата го поттикнува Обама да го покрене прашањето за човекови права, воедно препорачува тој да го почитува рускиот суверенитет, историја и традиција.

Виктор Кременук од американско-канадскиот институт со седиште во Москва се согласува дека неговата земја мора да се демократизира, доколку сака да ја модернезира својата економија. Но, овој експерт додава дека надворешниот притисок може да биде контрапродуктивен.

XS
SM
MD
LG