Посетителите на зоолошката градина во Сан Диего, Калифорнија, можат да го запознаат светот на слоновите, јагуарите, камилите и другите модерни животни чии далечни предци живееле во Северна Америка. Токму изложбата „Одисеја на слоновите“ ја покажува врската меѓу древната и модерната дивина.
Во зоолошката градина во Сан Диего некои од модерните животни живеат во нивна природна средина надополнета со базен со 520.000 литри вода, до кој има водопад.
Група од седум слонови ги импресионира посетителите, но во градината живеат уште 30 други животни, од лавови до јужноафрикански глодари. Сите ги имаат истите услови како да се во дивина.
Рик Шварц, одговорен за реализација на изложбата за слоновите, вели дека проектот вреден 45 милиони долари, дава друга димензија на вообичаените услови во зоолошката градина, елементот на времето.
„Познати сме по нашата био-климатска зона. Нудиме добра средина, разновидност на животни, птици и растителен свет. Одисејата на слоновите не` носи еден чекор понапред. Ни овозможува да се вратиме низ времето и да отвориме дијалог за тоа кои животни и растенија живееле овде, во јужна Калифорнија, пред 12.000 години“, вели Шварц.
Веднаш до модерните животни има статуи на нивните предци.
„Имавме мамут од Колумбија, кој е директен роднина на азискиот слон, претци на јагуарот и американскиот лав, што се многу поголеми денешните. Листата не застанува тука,“ изјави Шварц.
Архитектот Стив Фобс ја дизајнираше изложбата која се протега на површина од три хектари и која нуди приказ на модерните и древните животни од последното Ледено доба до Праисторискиот период.
Претставници од зоолошката градина велат дека изложбата „Одисеја на слоновите“, ја прикажува и важноста на конзервацијата. Рик Шварц вели дека древната птица Калифорниски кондор преживеала до ден денес. Таа беше во опасност од изумирање во `80-те години, но беше спасена делумно благодарение на напорите на зоолошката градина во Сан Диего. Калифорнискиот кондор е дел од изложбата.
За реализација на оваа изложба, зоолошката градина соработуваше и со организацијата Слонови без граници, со седиште во Боцвана, што работи на заштита на овие животни ширум Африка.