Линкови за пристапност

Улогата на мрежите за социјализирање во Иран


Во време кога продолжуваат протестите во Иран заради спорните резултати од претседателските избори, демонстрантите се покажаа вешти во заобиколување на владините обиди за стопирање на ширењето на информации. Иранците ги одржаа контактите меѓу самите нив и со светот и покрај сите препреки, благодарејќи на познавањето на технологијата со чија помш се менува и политичката атмосфера во земјата.

На снимка обезбедена од ирански граѓанин се гледа како демонстрантите ставаат повреден колега во амбулантно возило. Друго лице со мобилен телефон направил снимка на демонстранти како фрлаат камења на полицајци.

На мрежата Ју Тјуб, пак, може да се видат полицајци облечени во црно како тепаат демонстранти. Во време кога иранската влада ги блокираше сите традиционални медиуми за да не ги покриваат масовните протести, известувањето „од човек на човек“ во Техеран го привлече светското внимание. За главните новински сервиси, извештаите од иранските граѓани беа главен избор на информирање.

„Граѓаните се веродостојни извори во овие моменти“, вели Хамидих Арамидих од персискиот сервис на Гласот на Америка која пребарува меѓу фотографии и видео-снимки кои се испратени преку интернет страници како Фејсбук и Ју Тјуб. Изминатите неколку денови, Арамидих додала илјадници нови пријатели на нејзината страница на Фејсбук, од Иран.

Џеф Ливингстон од Друштвото за истражување на нови медиуми за комуникација, објаснува колку е едноставно граѓаните да споделуваат информации дури и за време на криза: „Со мобилен телефон правите слика и со едно притискање на копче ја испраќате. Толку е едноставно. Оттука се испраќаат на на интерет и на веб-страници како Твитер се ставаат за дел од секунда“.

Алекс Ватанка, виш аналитичар за блискоисточната информатичка група Џејн, вели дека едноставноста од споделување на информации им ги донеле протестите дома и кај луѓе надвор од Иран.

„Зборував со Американци од иранско потекло кои ми рекоа дка понекогаш се чувствуваат како да се во првите редови на демонстрациите, затоа што роднините на пријателите, набрзо штом ќе се вртат од улиците, ги ставаат најновите видео-содржини на Фејсбук“, вели Ватанка.

Директорот на Проектот за истражување на глобални јавни медиуми, Шалини Вентурели, вели дека граѓаните ја менуваат политичката реалност во Иран: „Тие ја имаат контролата на претставувањето на реалноста и сега се определени на споделување на информациите со заобиколување на режимот. Тоа значи дека дури и Ахмединеџад да успее и да ја задржи власта, нешто се случува во Иран што трајно ќе ја промени политичката состојба во земјата“.

Други велат дека медиумите за социјално поврзување може да им донесе корист на властите. Алекс Ватанка е еден од нив. Тој вели: “Се сеќавате ли дека токму Ахмединеџад рече дека Фејсбук треба да биде нецензориран, затоа што властите ќе може да го користат Фејсбук и другите социјални мрежи за поврзување на луѓето преку интернет, за да ги истакнуваат своите ставови, за да имаат увид што е кажано во кибернетскиот простор за нив, кој тоа го кажал и каков е трендот“.

Сервисите базирани на интернет преземаат специјални мерки како одговор на развојот на настаните во Иран. Твитер го одложи планираното одржување на страницата, што привремено ќе ја оневозможеше страницата. Ју-Тјуб ги олесна ресктрикциите и дозволи постирање видео-материјал од Иран со сцени од насилство, истакнувајќи дека е важно светот да ги види тие слики.

XS
SM
MD
LG