Конгресна панел група која ги следи напорите на
американската влада за спас на финансискиот систем, вели дека масовната
инфузија на федерални средства чија цел беше санирање на кризата во банкарскиот
сектор, само делумно успеале. Групата
наведува дека многу од неликвидните банки, парите ги користеле за да преживеат,
а не да обезбедат нови заеми за бизнисите и потрошувачите.
На почетокот на финансиската криза во САД минатата
година, администрацијата на претседателот Буш истакна дека е потребна владина
интервенција за справување со строгите кредитни услови што ја задушуваат
американската економија. Владините
претставници како поранешниот секретар за финансии, Хенри Полсон своевремено
инсистираа на тоа дека банкарскиот сектор на САД е здрав и цврст и покрај
проблемите со издавање на кредити.
„Нашите финансиски институции се силни. Нашите банки се силни. Тие ќе бидат силни
уште многу, многу години“, тогаш изјави Полсон.
Ова се покажа како неточно. Имено, конгресниот панел за
надзор на финансиската ситуација во САД, со Елизабет Ворен на чело, вели дека стотиците
милијарди долари владина помош помогнале само да се санира ситуацијата во рамки
на банките, а не да се воведе олеснување на кредитните услови.
Во меѓувреме американскиот Оддел за финансии соопшти дека
на десет од најголемите банки во САД ќе им биде дозволено да вратат вкупно 68
милијарди долари владина помош.
Претседателот Барак Обама ја поздрави оваа вест, како знак на напредок
во заживувањето на американскиот финансиски сектор.
Но Елизабет Ворен рече и дека тешко е да се оцени
вистинската состојба на американските банки, поради пропустите на
таканаречените „стрес-тестови“ што владата ги спроведе порано годинава. Тестовите требаше да ја увидат способноста на
поголемите банки за издржливост во услови на дополнителен економски шок.
За време на неодамнешен распит во Конгресот, Варен истакна
дека нивото на актуелната невработеност во САД од 9,4 проценти, веќе го
надминува нивото кое се предвидуваше со „стрес тестовите“ како најлошо можно
сценарио.
„Клучното прашање е следново: дали имаме доверба во банкарскито
систем? Сметам дека довербата е
вратена“, вели Ричард Боув, финансиски експерт.
Десет од 19 банки во САД кои беа подложни на „стрес тестовите“, се покажа дека не ги исполнуваат стандардите и им беше наредено да обезбедат вкупно 75 милијарди долари. Повеќето од нив или ја исполнија целта или се близу до тоа.