Линкови за пристапност

Македонија:  Се намалува бројот на земјотресите, владата додели помош


„Ова е заради ублажување на штетите на куќите кои настрадаа во земјотресот, за луѓето да не се чувствуваат дека немаат помош од државата. Напротив, од првиот момент ние сме на терен и се` додека има семејства и граѓани на Република Македонија што чувствуваат последици од оваа елементарна непогода, Владата ќе помага во сите можни форми", изјави на прес-конференција во вторникот вицепремиерот Зоран Ставрески, по вонредната седница на Владата посветена на земјотресите што се случуваат последните денови во реонот на Валандово.

Владата реши да додели еднократна помош во висина од две просечни нето-плати во државата на околу 80 најзагрозени семејства. Според Ставрески, донесена е и одлука да се формира Комисија со претставници од Владата и од надлежни институции кои на терен ќе ги проценуваат штетите и стабилноста на куќите и ќе изготват извештај.

Според владата, државните институции веќе реагирале. Разни тимови од Министерството за одбрана, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, како и општински екипи од локалната самоуправа на Валандово и Дојран излегле на терен и за најзагрозените граѓани обезбедиле храна и вода и шатори за сместување и вреќи за спиење. Откако изминатите денови загрозеното подрачје го посетија директорот на Центарот за управување со кризи Панде Лазаревски, министерот за одбрана Зоран Коњановски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, и министерот за труд и социјална политика Џељал Бајрами и неговиот заменик во вторникот требаше да посетат едно од погодените села - Ѓопчели во околината на Дојран. Според најавата, претставниците на Владата ќе ги врачат решенијата за доделување на еднократна парична помош на загрозените семејства, и низ следење на актуелните состојби на теренот, ќе стекнат увид за неопходноста од доделување помош во координирана акција со Црвениот крст.

Директорот на Агенцијата за справување со кризи Панде Лазаревски вели дека „координирано, ангажирани се сите институции кои имаат конкретни надлежности и сите соработуваат".

Инаку, земјиштето се смирува. Центарот за управување со кризи, повикувајќи се на Сеизмолошката опсерваторија при Природно - математичкиот факултет, соопшти дека утрово е регистриран нов земјотрес од 4 до 5 степени според Европската макросеизмичка скала, со епицентар 125 километри југоисточно од Скопје, но дека ноќта меѓу понеделникот и вторникот не се забележани нови потреси во југоисточна Македонија. Според Сеизмолошката опсерваторија, од вчера по 13 часот е утврдено намалување на бројот на земјотресите во валандовското епицентрално подрачје и на телеметриската мрежа на сеизмолошки станици на Опсерваторијата се регистрирани 15-тина послаби земјотреси, од кои само мал дел се почувствувани од населението. Но, од 24-ти мај во валандовското епицентрално подрачје се регистрирани над 300 потреси, кои најмногу се почуствуваа во селата Башибоз, Прстен и Кочули во Валандовско и Ѓопчели и Куртамсале во Дојранско. Жртви и повредени немало, а материјална штета е причинета, пред се, со оштетувања на покривите и ѕидовите на постарите куќи, градени од послаб градежен материјал.

Најсилниот потрес е почувствуван во неделата на 24-ти мај во 18 часот и 17 минути, со интензитет од 7 степени според Европската макросеизмичка скала или 4,9 степени според Рихтер, а попладнето и вечерта се регистрирани уште два потреса со јачина од по шест степени. Најсилниот земјотрес е почувствуван и во Струмица и во Гевгелија со по шест степени, како и во Кавадарци, Неготино, Прилеп, Штип и Берово со по пет степени. Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, „кај населението постои страв и паника бидејќи никој не може да предвиди што ќе се случува во иднина," но Дирекцијата, согледувајќи ги потребите, испратила дополнителен број шатори и ќебиња. Тој изјави и дека според информациите од теренот, засега нема проблеми со водата за пиење, но и дека ако се јави потреба, може да се постави и пречистителна пумпа на Црвениот крст.

Од Сеизмолошката опсерваторија на Природно-математичкиот факултет апелираат до населението во валандовскиот крај да не подлегнува на паника. Велат, серијата земјотреси сепак е вообичаена за регионот, дека само во минатиот век во истото подрачје биле регистрирани 58 земјотреси со јачина од пет степени по Рихтер, и дека не се очекува многу посилен потрес. И директорот на Геофизичкиот институт при Бугарската академија на науките, Николај Милошев, смета дека не би требало да има посилни земјотреси.

Меѓу смирувачките тонови е и изјавата на новиот претседател Ѓорге Иванов, кој потекнува од валандовскиот крај. Тој по посетата на загрозените подрачја изјави дека со своето присуство сакал да ги охрабри граѓаните кои се вознемирени од тоа што се случува. Според соопштението на неговиот кабинет, претседателот Иванов „во соработка со надлежните институции на централната и локалната власт, ќе стори се што е во негова моќ, како претседател и врховен командант на вооружените сили, да се забрза доставувањето на потребната помош на граѓаните и да се почне со санирање на штетата"

XS
SM
MD
LG