Во Стејт департментот најавуваат дека владата на претседателот Обама во значителен број ќе ги засили дипломатските претставништва во светот, согласно нејзината заложба за поголема меѓународна ангажираност.
Ова е клучен елемент од буџетот за меѓународни прашања во износ од 54 милијарди долари што во петокот беше испратен во Конгресот.
Владата на Обама од самиот почеток вети дека ќе води надворешна политика врз таканречениот принцип на “мудра сила“ , во која дипломатијата и помошта за странство имаат подеднакво значење со армиските операции. За оваа цел, виши претставници на брифинг за новинарите најавија буџет од 54 милијарди за наредната фискална година, што претставува деветпроцентно зголемување во споредба со сегашните трошоци, а тоа овозможува 25-процентен пораст на сегашниот број од 66 илјади лица кои работат во американските дипломатски мисии во текот на наредните три години.
Бројот на вработени во странство во Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД, која управува со американските програми за помош, ќе биде удвоен на 2.000, согласно планот за двојно зголемување на американската помош до 2015-та.
Заменикот-државен секретар за менаџмент и ресурси Џејкоб Лу вели дека целта не може да се постигне без потребниот број на луѓе во странство кои би управувале со програмите.
Официјални лица наведуваат дека владата на Обама планира да го намали бројот на договорни соработници за програмите на САД во странство. Нивната употреба стана предмет на контроверза, особено во Ирак, каде компаниите - договорни соработници од областа на безбедноста беа вмешани во оружени инциденти, што, пак, доведе до цивилни жртви.
Новиот буџет за надворешни прашања целосно ќе ги финансира американските обврски кон меѓународните организации и банки за развој, вклучително и заостанатиот долг на САД кон ОН. САД немаат измирено некои обврски кон ОН, како оние за контроверзните програми за планирање на семејство, а оспорија и некои проценки на ОН за трошоците за мировни мисии.
„Претседателот и државната секретарка јасно ставија до знаење дека САД активно ќе се ангажираат на меѓународната сцена и во меѓународната заедница. Едно од нештата што мора да ги сториме како најголем учесник во многу од овие напори е да ги подмириме нашите обврски - треба да ги платиме нашите сметки“, вели заменикот-државен секретар за менаџмент и ресурси Џејкоб Лу.
Новиот буџет ја интензивира и обуката на американските дипломати во изучување арапски, кинески, хинди и урду, а обезбедува и средства за безбедносна надградба или пак изградба на нови амбасади на клучните дипломатски точки во светот, како во Кабул Исламабад, Пешавар, Санаа и Дакар.