Линкови за пристапност

Обама во првите 100 дена на функцијата внесе промени


Барак Обама минатиот ноември беше избран за 44-ти претседател на САД, главно поради тоа што Американците бараа промена по осумте години на администрацијата на Џорџ Буш.

Веднаш по изборот, Обама ја подвлече постигнатата промена. „Поради тоа што го направивме овој ден, на овие избори, во овој одлучувачки момент, промената дојде во Америка“, рече новоизбраниот претседател.

Желбата за промени беше очигледна при инаугурацијата на Обама, кога еден милион Американци го исполнија Националното шеталиште во Вашингтон за да го прослават изборот на првиот претседател афро-Американец во историјата на САД.

„Она што сега се бара од нас е нова ера на одговорност, признание од страна на секој Американец дека имаме обврска пред нас, пред нашата земја и пред светот“, кажа Обама при стапувањето на функцијата.

Некои од промените за време на првите 100 дена од мандатот беа драматични. Обемниот пакет на Обама за стимулирање на економијата претставува негов досега најголем предизвик.

Тој донесе и одлука за затворање на притворниот центар Гвантанамо на Куба, а постави и рок до август 2010 година поголемиот дел од американските сили да го напуштат Ирак.

„На едноставното прашање - дали земјата оди во вистинската насока или не? – има неверојатен оптимизам кај испитаниците, така што од аспект на промените, тој успеа да внесе промена за тоа во која насока се движат САД“, коментира политичкиот аналитичар Стјуарт Ротенберг, говорејќи за националното расположение.

Па сепак, републиканците генерално се противат на предлозите на Обама за даночни олеснувања и зголемени трошоци за проекти од јавен интерес, предупредувајќи дека тоа ќе доведе до огромен долг за идните генерации.

„Факт е дека треба да и` помогнеме на нашата економија, но мојата грижа е дека она што е предложено нема да функционира“, вели водачот на републиканците во Претставничкиот дом, Џон Бонер

Но, и покрај тоа, анкетите покажуваат дека претседателот успева да ја одржи поддршката во јавноста за својата политика, а, според експертите, со тоа добива предност во справувањето со Конгресот и оние кои го критикуваат.

Јавноста во голем дел стои зад претседателот за време на првите 100 дена откако е на функцијата. Но тука се поставува и прашањето што ќе се случи доколку економијата не започне да се подобрува?

Кен Дуберштајн бил шеф на Кабинетот на претседателот Роналд Реган во доцните 80-ти години. Тој оценува дека Обама смета на тоа јавноста да остане трпелива.

„Засега Обама е на добар пат поради фактот што јавноста го поддржува она што тој го чини, но треба да покаже одреден напредок и се надевам дека тоа ќе се случи во иднина“, вели Дуберштајн.

Најновото испитување на јавното мислење спроведено од Вашингтон Пост и Еј-Би-Си, покажува дека 69 проценти од анкетираните ја поддржуваат политиката на Обама, додека 26 проценти не го одобруваат неговиот начин на работа. Обама доби високи оценки за начинот на кој се справува со економската криза и водењето на надворешната политика, но постои загриженост за влијанието на неговата политика врз буџетскиот дефицит во земјата и справувањето со кризата во американската автомобилска индустрија

XS
SM
MD
LG