Членовите на Конгресот слушнаа мислења на експерти за надворешни работи за предизвиците со кои се соочуваат САД во реализирање на новата стратегија на претседателот Обама за Авганистан и Пакистан.
Комисијата за национална безбедност и поткомисиите за односи со странство во Претставничкиот дом дискутираа за влијанието на земјите во регионот и улогата што би можеле да ја имаат за да помогнат во поттикнувањето на стабилност и во Авганистан и во Пакистан.
Откако минатата недела ја објави новата стратегија за Авганистан, претседателот Обама ја истакна важноста за регионална соработка и потребата во неа да се вклучат и земји како Кина, Индија, Русија и други.
Претседавачот со поткомисијата
за односи со странство, демократот Џон Тирни, истакна дека не смее да се
занемари важноста од надворешното влијание кога станува збор за Авганистан и
Пакистан
„Се` додека сите регионални актери не се ангажирани во решавање на ситуацијата во Авганистан и Пакистан и се` додека не согледаат дека стабилен Авганистан и Пакистан е од нивен најдобар интерес, врз овие соседи и натаму ќе биде вршен најразличен притисок. Целта е еден ден овие регинални актери не само да се повлечат од играње штетна улога, туку да имаат позитивни и конструктивни ангажмани", истакна Тирни.
Што се однесува до односите Индија - Пакистан, ситуацијата се усложнува. Овие две земји се долгогодишни ривали, а Пакистан е сомничав во однос на намерите на Индија во Авганистан.
Поранешниот американски амбасадор во Пакистан, Венди Чембрлејн истакна дека еден од предизвиците со кои се соочува администрацијата на Обама е да ги убеди Пакистан и Индија дека ривалството треба да се остави настрана за да се успее во справувањето со заедничкиот непријател.
„Да бидеме искрени, факт е дека Авганистан, Пакистан, Индија и САД, сите се соочуваат со истиот непријател во регионот, а тоа е Ал Каида и терористичките мрежи налик на Ал Каида кои не напаѓаат нас, подалечниот непријател, и локалните влади кои се поблискиот нивни непријател", вели Чембрлејн.
Лиса Куртис, од Фондацијата Херитиџ, изјави дека зголемувањето на американската помош за Пакистан, како што беше предложено во легислативата спонзорирана од сенаторот Џон Кери, мора да го избалансира зајакнување на влијанието на умерените сили во земјата и прекин на пакистанската поврзаност со екстремистите.
Што се однесува до улогата на Кина во Авганистан, Шон Робертс од Универзитетот Џорџ Вашингтон, вели дека Пекинг ќе остане фокусиран на економските интереси и во тој случај стабилноста само ќе помогне за реализирање на тие интереси.
Во однос на Русија, Робертс кажа дека Москва може да игра клучна улога во регионалниот пристап за Авганистан, меѓутоа треба да се очекува дека нема да молчи за своите интереси.
„ Русија е заинтересирана да спречи чеченските сепаратисти да најдат поддршка и засолниште во Авганистан, но во исто време има повредена гордост во врска со советскиот неуспех за развој на Авганистан во 70-те и 80-те години. Затоа, Русија можно е да не биде најсреќна доколку САД успеат онаму каде таа доживеала пораз. Освен тоа, Русија е особено скептична на американските интереси во централна Азија и на ангажманот на САД во Авганистан гледа како на дел од поголема кампања за доминација во регионот", смета овој експерт.
Карим Саџадпор од Програмата за Блиски Исток при организацијата Карнеги, вели дека американската соработка со Иран во однос на Авганистан, би резултирала со одредена цена, но потенцијално ќе донесе голема добивка.
Саџадпор смета дека администрацијата на претседателот Обама би постигнала повеќе доколку ги одвои најчувствителните прашања во американско-иранските односи, како иранската нуклеарна програма и поддршката на оваа земја за териристичките групи, од прашањето околу соработката за Авганистан.
„Во догледно време не мислам дека има илузии оти со Иран ќе постигнеме компромис за нивната поддршка на Хезболах, или на Хамас, или нови моменти во решавањето на нуклеарното прашање. Мислам дека ова не треба да влијае на американско-иранската соработка во Авганистан, напротив, сметам дека обидот да се изгради доверба за Авганистан, ќе има позитивен ефект на другите споменати прашања", вели овој аналитичар.
Саџадпор додава дека и САД и Иран имаат важни заеднички интереси во Авганистан, вклучувајќи ја борбата против трговијата со дрога и спречувањето на Талебан повторно да се врати на власт.
Овој експерт кажа дека во однос на Авганистан и а други прашања, најдобар пристап на администрацијата на Обама би бил - поттикнување на Иран да соработува како одговорен играч во регионот.