Линкови за пристапност

Канцеларот Меркел повикува на цврсти резултати од самитот


Германскиот канцелар Ангела Меркел ги повикува светските лидери на Групата 20 најголеми економии да продуцираат цврсти договори за пазарната реформа.

Меркел кажа дека се согласува со инсистирањето на францускиот претседател Николас Саркози да не прифати „лажни компромиси" на самитот.

Но таа кажа дека заканата на Саркози да замине од самитот не е продуктивна. Францускиот министер за финансии индицираше дека Саркози ќе го напушти самитот доколку државите не се согласат на постриктна регулатива за глобалните финансиски пазари.

Во меѓувреме американскиот претседател Барак Обама и британскиот премиер Гордон Браун се сретнаа претходно и заедно повикаа на единство во справување со светската економска криза.

Обама забележа дека е потребно фокусирање на заедничка основа, а не на повремените разлики меѓу светските сили, додека двајцата кажаа дека протекционизмот не е решение за глобалното забавување.

Подоцна, американскиот претседател приватно ќе се сретне со кинескиот претседател Ху Џинтао. Сите лидери на Г20 ќе се соберат на вечера.

Светските економски сили се соочени со притисок на оваа средба, што е втор самит по ред на Групата 20. САД и Британија се залагаат за големи владини вложувања за поттикнување на економскиот развој, додека Франција и некои други европски нации велат дека посилна финансиска регулатива треба да биде приоритет.

Членки на Групата 20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Британија, САД и Европската Унија.

XS
SM
MD
LG