Линкови за пристапност

Профили на македонските претседателски кандидати:  Имер Селмани


41-годишниот бизнисмен со диплома на лекар, од скопското село Шишево, како нов надежен кадар на Демократска партија на Албанците пред девет години стана градоначалник на скопската општина Сарај.

Во политичката кариера напредуваше и како министер за здравство и како вице-премиер за имплементација на Рамковниот договор, по што медиумите лицитираа со неговото име како следен лидер на ДПА, наводно соодветен и за вкусовите на претставниците на меѓународната заедница. Но, по разидувањето со раководството на ДПА, Селмани ја формираше партијата Нова демократија, чиј кандидат е за претседателската функција.

Последните рејтинзи на Селмани во испитувањата на јавното мислење и неговата популарност меѓу етничките Македонци навестуваат дека постојат шанси Селмани, кој е татко на четири деца, да се пласира во вториот круг, со што изборот на нов македонски претседател би станал неизвесен.

Глас на Америка на македонски: Што за Албанците во Македонија иза македоската демократија значи учеството на тројца етнички Албанци во претседателата трка?

Имер Селмани: Самите избори се можност за секој што се чувствува подготвен да понесе одговорност, да понуди визија и решение за напластените политички проблеми, внатре во државата и надвор, се разбира. Во таа насока, ценам дека е богатство да има повеќе понуди, ние сега имаме седум понуди, значи можност за граѓаните да изберат една од најдобрите или најдобрите две да влезат во вториот круг.За мене лично, тоа е не само предизвик, туку и можност на овие избори да победи опција која ќе им стави крај на сите досегашни внатрешни конфликти. Тоа и ќе отвори перспективи за подбри односи со сите наши соседи, вклучувајќи ја и Република Грција, и да ги отвориме веќе еднаш нашите хоризонти за сите наши интеграции и патишта во НАТО и ЕУ, кои се на директен начин главни предуслови за економски развој, за отворање на нови работни места и за благостостојба на секое домаќинство.

Глас на Америка на македонски: Созреани ли се условите за претседател- етнички Албанец, подготвена ли е Македонија да го има Имер Селмани, на пример, за свој претседател?

Имер Селмани: Дали е подготвена одговор ќе добиеме на 22-ри март кога ќе ги видиме резултатите. Но, според она што гледаме досега, очигледно е дека е подготвена за големи промени. Самиот факт што еден кандидат Албанец е прекрасно пречеканво сите населени места, без разлика дали во нив живеатАлбанци, Македонци или Турци -тоа го покажува. Пред неколку дена во Источна Македонија, имав прилика да бидам присутен во четири општини: Штип, Радовиш, Струмица и Кавадарци. Приемот и одзивот секаде беше повеќе од одличен. Тоа е веќе првата промена. Самиот факт што граѓаните се изјаснуваат дека ќе гласааат не по етничка линија, туку за личност во која имаат најмногу доверба дека може да ги смени работи на подобро, е веќе промена!

Глас на Америка на македонски: Кога во Македонија на власт ќе биде една македонско-албанска партија?

Имер Селмани: Во многу нешта тоа ќе зависи и од овие избори. Тие ќе покажат дали по 18 години демократско созревање, ние и созреавме! Тоа нема да биде многу далеку, но велам, овие избори се една можност за искачување на скалилата на вистинската демократија.

XS
SM
MD
LG