"Понудата која ми беше дадена зборува во корист на фактот дека албанската елита во Република Македонија покажува промена во позитивна насока, промена на свеста и докажува дека веќе доаѓа крајот на астматичното општество кое дише само со еден дроб. ДПА ги покажа своите приоритети со самата одлука да кандидира жена за претседател на Македонија", изјави во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик професор д-р Мируше Хоџа, единствената дама во изборната трка, кандидат на Демократската партија на Албанците и првата жена - етничка Албанка која стана претседателски кандидат во Македонија.
Хоџа, која беше и директор на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Македонија, е доцент на Филолошкиот факултет на универзитетот "Св. Кирил и Методиј" и на Факултетот за комуникациони науки и технологии на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово; одбранила три магистерски труда, докторирала на Филозофскиот факултет во Загреб, а сега го подготвува и вториот докторат. Покрај албанскиот и македонскиот, Хоџа зборува и хрватски, турски, англиски, италијански и француски јазик.
Глас на Америка на македонски: Што за етничките Албанци, но и за политичката ситуација во Македонија воопшто значи истакнувањето на дури тројца кандидати - етнички Албанци на претстојните претседателски избори во Македонија?
Мируше Хоџа: За Албанците во Македонија кандидатурата на тројца кандидати значи пред се` една добра можност што се создаде во нашиве околности, да седнеме да разговараме, пред се` меѓу себе, за да расчистиме некои концепти и гледишта кои му ги нудиме на народот, и исто така, народот јасно да разбере што му нудиме и да има слободен избор и своја определба.
Глас на Америка на македонски:Каква ќе биде улогата на избирачот - етнички Албанец и во првиот и особено во вториот изборен круг?
Мируше Хоџа: Верувам дека улогата на етничкиот Албанец ќе биде битна,од голема важност и дека гласот на Албанците ќе има голема улога и во вториот избирачки круг. Тоа значи, во голема смисла, и едно освестување во нашето општество - дека не смее да се занемери улогата на Албанецот, туку дека таа е битна за опстојувањето на нашето општество.
Глас на Америка на македонски: Како ја доживеавте кандидатурата, со оглед дека од научното милје се префрлувате во политикката во која досега не сте имале поголемо искуство?
Мируше Хоџа: Понудата за кандидатура беше голема чест за мене. Знаете, јас чувствувам пред се`- а така и ја сфатив понудата во моментот кога ми беше дадена - голема морална одговорност да ги изнесам моите ставови, дури можам да кажам и моите научни согледувања во врска со прашањето на идентитетот, на самоиспитувањето... да ги соочам и да ги изнесам пред народот. Сметам дека секој интелектуалец има должност да не го крие своето знаење, туку да го пренесе и да не го држи себично, туку по можност да ги подучи другите во практика. Во меѓувреме, научив дека сепак, битните национални прашања се допираат преку политиката (науката, за жал, во нашето општество е маргинализирана) и сметам дека ќе придонесам да објаснам некои концепции и поими, за потоа народот да може полесно да се определи за опциите кои му се понудени.
Глас на Америка на македонски: Што за обичната граѓанка - етничка Албанка, ќе значи Вашата кандидатура како прва албанска жена - претседателски кандидат?
Мируше Хоџа: Пред се`, поддршка. Исто така, и преиспитување на тоа што се нарекува страв. Со моето излегување на сцената, со моето експонирање, ќе бидам конкретен пример дека албанската жена не смее да се плаши. Впрочем, и жената во Македонија воопшто, тука не правам разлики. Сметам дека имаме што да кажеме, дека секој човек смее и може да ги изнесе своите ставови, без никакви стравови од последиците, рече во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик д-р Мируше Хоџа.