Новата легислатива која на жителите на главниот град на САД би им дала целосно право на глас во Претставничкиот дом, се соочува со големи пречки во Конгресот. Жителите на Вашингтон немаап вакво право 200 години, од кога е основан градот.
Дистриктот Колумбија е формиран од основачите на САД, за да служи како центар на новата американска влада. Своевремено за жителите се сметало дека ќе бидат привремени владини службеници.
Како резултат на тоа, не се инсистирало на застапеност на жителите на овој град во Конгресот, право што го имаат сите сојузните држави.
Наспроти очекувањата, модерен Вашингтон прерасна во голем град со популација од 600.000 жители кои повеќе не се само вработени во федералната влада.
Но иако не биле застапени во Конгресот, од жителите на Вашингтон се бара да плаќаат федерални даноци за имотна сопственост, за разлика од лица на територии во САД кои исто така немаат соодветен претставник во Конгресот.
Поддржувачите на гласачките права на Вашингтон во Конгресот велат дека недостатокот на целосна политичка застапеност е спротивно на демократските принципи што САД ги промовираат ширум светот.
Ова е Илир Зерка, извршен директор на D.C. Vote, група која се залага за право на репрезентација во Конгресот.
„Кога одиме во Ирак и Авганистан или во земји во Европа, тоа им го велиме. Како народ, треба да имате соодветна застапеност на национално ниво и локална контрола за локални прашања. Цврсто ја поддржуваме децентрализацијата, освен кога станува збор за Вашингтон", вели Зерка.
Сепак Вилијам Ван Алстаин од Колеџот по право „Вилијам и Мери" во Вирџинија, вели дека поради уникатниот статус на Дистриктот, на неговите жители не им се гарантира истото право на застапеност во Конгресот, како и одделните сојузни држави.
Поддржувачите на мерката за новите гласачките права, велат дека според американскиот Устав, Конгресот има легислативна моќ над Дистриктот Колумбија и оти Конгресот може да го искористи тоа влијание за да овозможи целосно право на глас во националаната легислатива.
Иронично, легислативната власт на Конгресот во однос на Вашингтон, креира и најголем предизвик да се усвои актуелната мерка. Републиканскиот сенатор Џон Енсаин од Невада го искористи ова влијание и приложи контроверзен амандман со кој би се укинале строгите регулативи за контрола на оружјето во Вашингтон. На амандманот остро се противат градските власти кои вложуваат огромни напори за одржување на строгите регулативи за контрола на оружјето.
Но Вашингтон има добиено битки за гласачките права и во минатото, вклучувајќи ја и онаа од 1961 година, кога со промена на Уставот, Конгресот му дозволи на Дистриктот Колумбија да избере свој делегат во Претставничкиот дом. Тој делегат може да гласа во комисиите, но не и на крајното гласање по одредена легислатива. Вашингтон нема свои сенатори и мерката која во моментов се разгледува, нема да ја промени оваа состојба.
Една од причините зошто претходните напори за целосна гласачка застапеност на Вашингтон во Конресот завршиле неуспешно, е поради тоа што со нови претставници во Конгресот, може да се промени балансот на власт во Претставничкиот дом, зашто вашингтон е главно град на демократи.
Како и да е, доколку мерката биде одобрена, правните експерти велат дека постои голема веројатност таа да се најде пред суд, за да се тестира нејзината уставност. Некои велат дека постои добра шанса американскиот Врховен суд да оцени дека е противуставна.
Доколку тоа се случи, додаваат аналитичарите, најдобрата опција за Вашингтон би била да бара уставен амандман. Последниот обид на Вашингтон да го стори тоа беше во 1985-та година и заврши неуспешно.