Линкови за пристапност

Клинтон се сретна со палестински претставници на Западниот Брег 


Во рамки на блискоисточната турнеја, американската државна секретарка Хилари Клинтон коментираше дека планираното уривање на палестински домови во Источен Ерусалим од страна на Израел е „целосно неприфатливо“ и со далекусежни последици. Таа најави дека ќе го покрене ова прашање во разговорите со израелски официјални лица

Клинтон ова го изјави во рамки на средбата со претседателот на Палестинската управа на Западниот брег Махмуд Абас. Тој на одвоено новинарско прашање за улогата на Иран во решавањето на разликите меѓу неговата влада и движењето Хамас кое го контролира Појасот Газа, рече дека Техеран треба се занимава со сопствени прашања и да запре да се меша со цел да ја шири поделеноста меѓу Палестинците.

Клинтон претходно се сретна со палестинскиот премиер Салам Фајад во рамки на првата своја турнеја по регионот како државна секретарка. Палестинските лидери бараат Клинтон да влијае врз Израел да запре со изградба на свои населби во Западниот Брег и да ја отвори границата со Појасот Газа. Претходно Клинтон ги посети Египет и Израел, во обид да го заживее блискоисточниот мировен процес. Вчера најави дека САД енергично ќе се залагаат за создавање на палестинска држава.

Во Израел подвлече дека САД се посветени на безбедноста на земјата, како и дека мора да запрат ракетните напади од Појасот Газа врз израелска територија. На донаторска конференција во Египет, Клинтон вети дека САД ќе одвојат 900 милиони долари за обнова на палестинската економија и Појасот Газа.

XS
SM
MD
LG