Линкови за пристапност

Индија слави за Оскарите на „Slumdog Millionaire“


Од обични граѓани, до филмски уметници, Индија го слави успехот на „Slumdog Millionaire", кој се закити со осум Оскари. Меѓу причините за прослава е и фактот што Оскарот за најдобар краткометражен документарен филм на Американката Меган Милан, е испириран од индиска приказна.

Можеби беше прв пат жителите на Дарави, сиромашен кварт во близина на Мумбаи, со интерес да ја следат церемонијата на доделување на Оскар во Лос Анѓелес.

На секое доделување на наградата во различна категорија, можеа да се слушнат изливи на радост, иако поголемиот дел од жителите на Дарави не ни знаеа што всушност претставува Оскарот.

Дејството на 'Slumdog Millionaire' се одвива токму во Дарави, најголемата сиромашна област во Азија, а главните улоги во филмот, потекнуваат оттаму.

Добиените Оскари предизвикаа национална гордост ширум Индија, особено во Мумбаи, градот каде е базирана филмската индустрија на оваа замја, позната како Боливуд.

Режијата, сценариото и продукцијата на филмот е од Британец, но поголемиот дел од актерската екипа е од Индија, исто како и локациите каде е снимено ова остварување.

Музичкиот директор А. Р. Рахман освои два Оскара, еден за најдобра филмска музика, а другиот за најдобра нумера.

А. Р. Рахман досега освоил безброј национални награди, а неговите обожуватели се убедени дека добиените Оскари на индиската музика ќе и дадат меѓународен идентитет.

Филмските уметници воедно се оптимисти дека овие Оскари глобалното внимание ќе го свртат на музичарите, техничарите и сите талентирани лица од Боливуд.

Аналитичарите се надеваат дека овој филм ќе ги инспирира талентираните да ги минуваат границите, да соработуваат, без оглед дали се работи за режисери или технички персонал од Запад кој би доаѓал во Индија или за индиски техничари и режисери кои би оделе да креираат во западните земји.

Иако акцентот остана на "Slumdog Millionaire", сепак уште една индиска приказна доби соодветно признание. "Smile Pinki" на американската режисерка Меган Милан, доби Оскар за најдобар

краткометражен документарен филм. Тоа е приказна за сиромашно девојче од индиско село кое е отфрлено од средината поради расцеп на усната, се додека по операцијата организирана од еден социјален работник, нејзиниот живот комплетно се трансформира и таа станува „нормално девојче".

Исто како и Slumdog Millionaire", и овој филм говори за надежта и победата среде широко распространетата сиромаштија во Индија. Некои критичари се пожалија дека ваквата тематика само ги зацврстува западните стереотипи за оваа земја.

Сепак за поголемиот дел од Индија, церемонијата на доделување на Оскар, ја поттикна националната гордост. Индијците досега имаат добиено два Оскара, едниот во 1982 за најдобра костимографија, а другиот во 1992, Оскар за животно дело на индискиот режисер Сатуаџит Рај.

XS
SM
MD
LG