Глас на Америка: Врз основа на денешниот состанок, кој ќе биде правецот на преговорите во иднина?
Метју Нимиц: Се надевам дека во одреден момент ќе прејдеме од генерални позиции на поконкретни преговори за специфични идеи, со цел да испитаме дали може да има некакво компромисно решение. Се`додека не го испробаме и испитаме тоа со двата претставника, нема да знаеме дали ќе може да добиеме резултати. Во вистинскиот момент, да се надеваме дека ќе појдеме во тој правец.
Глас на Америка:Неофицијално, македонската страна притиска за двојна формула, додека грчката поддржува географска одредница, но под одредени услови во однос на македонскиот јазик, нациналноста и слично. Како планирате да ги премостите овие два дијаметрално различни ставови?
Метју Нимиц: Ако можев да ви дадам одговор, ќе имавме решение. На двете страни одвреме-навреме им давам некои идеи. На 8-ми октомври им претставив некои идеи за да ги разгледаат. Не велам дека тоа е последниот збор, но ова се нешта што можат да ги разгледаат. Мислам дека ако постои добра волја и сериозност во намерата, тогаш може да има некакви начини за премостување на разликите.
Глас на Америка:Како ќе се одрази промената на американската влада на преговарачкиот процес? Грчкото лоби во САД е мошне активно во прикажување на претседателот Обама и потпретседателот Бајден како политичари кои ги поодржувале и се очекува да продолжат да ги поддржуваат грчките интереси за редица прашања, меѓу кои и прашањето за името?
Метју Нимиц: Најпрвин, јас сум посредник на ОН. Значи, не говорам во име на американската админситрација и не знам што таа ќе каже и направи за ова прашање. Јас не можам да зборувам за нив, во Вашингтон. Мислам дека во соодветно време, оваа американска администрација ќе ги претстави своите гледишта на страните и ќе треба да оставиме на неа да одговори на ова прашање.
Глас на Америка:Со ризик да бидам претерано упорен, дали како преговарач очекувате САД да ја сменат политиката кон Македонија? Според некои медиумски шпекулации, САД дури би можеле да ја преиначат својата одлука за признавање на Македонија под уставното име?
Метју Нимиц: Упорен сте, но морам да кажам дека воопшто немам идеја каква ќе биде американската политика и би било арогантно од мене да нагаѓам или шпекулирам за тоа. Сигурен сум дека луѓето во американската влада во соодветно време ќе ги разгледаат овие прашања.
Глас на Америка:Меѓународната кризна група во својот последен извештај за прашањето со името подвлекува дека спорот ја става во опасност стратегијата на ЕУ и НАТО за стабилизирање на Балканот и се осврнува на грчкото вето во НАТО и грчката закана за вето на интеграцијата на Македонија во ЕУ. Цитирам: „Во очекување на спогодба, Скопје треба да го користи привременото име – `поранешна југословенска република Македонија` во сите меѓународни форуми, а Атина да ја отстрани заканата со вето". Зошто ова не се случи досега, и кој не успеал да го овозможи тоа?
Метју Нимиц: Меѓународната кризна група е мошне вредна организација. Со голем интерес го прочитав нејзиниот извештај. Мислам дека имаше да каже редица многу интересни нешта да каже. Но, тоа е невладина организација која го дава своето гледиште. Очигледно, владите вклучени во преговорите имаат свои гледишта, а владите на оние кои дејствуваат во Меѓународната кризна група даваат предлози. Разбирам што велат, но такво нешто не се случува во реалноста.
Глас на Америка:Меѓународната кризна група исто така препорачува Македонија да го прифати вашиот последен предлог – „Република Северна Македонија" и ја повикува Грција да го прифати македонскиот идентитет и јазик. Што е она за што може да се преговара во овие преговори, покрај името? Дали Македонија – или која и да е друга земја – треба да преговара за својот идентитет, јазик, или шанси за прием во НАТО и ЕУ?
Метју Нимиц: Начинот на кој го поставувате прашањето причинува да биде многу тешко да одговорам на него. Она што ќе го кажам е дека можеби има аспекти на прашањето што се наоѓа на маса. Се разбира, главното прашање е името на државата. Разбирам која е позицијата на Меѓународната кризна група, но нема да коментирам на опфатот на преговорите или пак што е можно, за што земјите треба или не треба да разговараат или да побараат. Да останеме на тоа, важи?