Линкови за пристапност

Ефектите од климатските промени – неповратни во следните 1.000 години 


Нова студија, објавена во американскиот Журнал на Националната академија за наука, укажува на опасноста во наредните 1.000 години да не биде можно да се запрат ефектите од климатските промени. Авторите - истражувачи од Националната океанска и атмосферска управа тврдат дека дури и да дојде до намалување на испуштањето на јаглерод диоксид – ефектите по глобалната температура може да останат високи со генерации. Тие наведуваат дека меѓу евентуалните климатски промени се зголемување на нивото на морињата и намалување на врнежи од дожд во одделни делови од светот. Промените може да резултираат во намалување на снабдувањето со вода, почести пожари, ширење на пустините и се` заедно во негативни ефекти по земјоделството.

Кевин Тренберт, кој раководи со климатските анализи во Националниот центар за атмосферско истражување, вели дека иако научниците и досега знаеле за ефектите од климатските промени, новата студија обезбедува детали за специфични ефекти:

-На научниците им беа познати некои неповратни ефекти од климатските промени. Но, новата студија им помага да ги истакнат тие аспекти и да ги измерат. Се согласувам со авторите дека ваквиот аспект релативно малку се третира од страна на креторите на политиката и веројатно и од јавноста, а тоа е загрижувачки.

Научниците наведуваат дека океаните моментално го забавуваат глобалното затоплување преку апсорбирање на топлината, но тие евентуално ќе ја ослободат назад во атмосферата, што ќе доведе до поголемо глобално затоплување на планетата. Студијата предупредува дека затоплувањето ќе води до топење на делови од Гренланд и Антартикот, а тоа ќе го зголеми морското ниво.

Пред Индустриската револуција, воздухот на Земјата содржел околу 280 милионити делови на јаглерод диоксид. Износот сега е 385 милионити делови.

Патрик Мајклс од Институтот КАТО во Вашингтон, кој е скептик во однос глобалното затоплување, вели дека студијата наголемо шпекулира за ефектите од глобалното затоплување во иднина:

-Проблемот со студијата е што претставува шпекулација за наредните 1.000 години, а ние не знаеме каква ќе биде енергетската структура на општеството ни во наредните 100 години, па можеби дури ни за 50. Ако студијата воопшто е точна, точна е во тоа што вели дека не може многу да сторите за глобалното затоплување.

Тренберт,пак, мисли поинаку, нагласувајќи дека каква и да е` акција преземена денес ќе спречи барем да се влошат ефектите од глобалното затоплување во иднина:

-Има голема бројка на промени што најверојатно ќе се случат во практична смисла. Можеби нема да ја вратат ситуацијата како што било порано, но тоа не значи да не преземаме мерки, затоа што без нив климатските промени ќе бидат уште поголеми, полоши и подолготрајни.

Научниците тврдат дека на испуштањето на јаглерод диоксид отпаѓа речиси половина од штетниот ефект на стаклена градина во атмосферата. Сепак, и други гасови, како хлорофлуоркарбонатите и метаните исто така придонесуваат за глобалното затоплување.

XS
SM
MD
LG