Линкови за пристапност

Континуирана борба против корупцијата долж американската историја


Американските обвинители го обвинија гувернерот на Илиноис Род Благојевиќ за корупција, дека наводно се обидел да го „продаде“ сенатското место од оваа сојузна држава испртазнето со изборот на Барак Обама за нов американски претседател. Ова е најновиот случај еден американски политичар да биде обвинет за корупција, но некои аналитичари предупредуваат дека има опасност да не биде последен, со оглед на тоа колку пари се „вртат“ во политичкиот систем.

Истражителите велат дека Благојевиќ бил снимен како во телефонски разговори ја злоупотребува својата функција и се обидува да профитира од неа, барајќи против-услуги во замена за назначување на нов сенатор на местото на Обама. Истрагата предочи и дека не постојат докази оти Обама знаел за наводната корумпираност на Благојевиќ.

- Немав никаков контакт со гувернерот ниту со неговиот кабинет, така што не сум знаел што точно се случува, рече Обама, реагирајќи на случајот.

Благојевиќ е последниот во редицата политичари во Илиноис за кои се водела истрага за корупција. Тројца од гувернерите на Илиноис во последниве 35 години отслужуваат затворска казна поради корупција.

Поранешниот американски сенатор Тед Стивенс од Аљаска, пак, неодамна беше прогласен за виновен затоа што лажел за подароците што ги добивал од нафтена компанија, која исто така и му го реновирала домот. Стивенс годинава загуби во трката за реизбор на функцијата, со што ја заврши 40-годишната кариера во Сенатот.

Американскиот конгресмен од Луизијана, Вилијам Џеферсон чека да започне судскиот процес во кој е обвинет за поткуп и злоупотреба на функцијата. Властите извршија рација во неговиот дом во 2006-та и пронајдоа 90.000 долари за кои се верува дека ги добил како поткуп. И Џеферсон годинава загуби во трката за реизбор на функцијата.

- Вообичаено се работи за пари, но во прашање е и нешто друго. Се работи и за - како што ја нарекувам - арогантноста на моќта. Овие политичари сметаат дека се над законот, над етиката, вели Алан Лихтман, историчар на Американскиот Универзитет во Вашингтон.

Лихтман коментира дека корупцијата во американската политика е присутна со години наназад.

Веднаш по завршувањето на Граѓанската војна во 1860-те, за време на администрацијата на претседателот Јулисис Грант, корупцијата била широко распространета со тоа што бизнисмените од северот на земјата честопати ја злоупотребувале опустошеноста на руралниот југ.

Во 1920-те, за време на администрацијата на Ворен Хардинг, секретарот за внатрешни прашања Алберт Фол бил обвинет дека зел мито во замена за тоа што овозможил на нафтената индустрија да се прошири на земјиште во сопственост на федералната влада.

Експерите додаваат дека иако корупцијата во политиката на САД е присутна од поодамна, изминативе години како да ја достигна својата кулминација. Сепак, тие се категорични дека и покрај ваквото минато, за разлика од некои земји каде корупцијата е институционализирана - па дури и прифатена - во САД таа се смета за голем криминал.
Новоизбраниот американски претседател Барак Обама во предизборната кампања вети дека ќе се справи со корупцијата и ќе го намали влијанието на лобистите во Вашингтон.

XS
SM
MD
LG