Линкови за пристапност

Медиуми:  Поголема транспарентност во однос на сопственоста и слободата во информирањето


Македонските медиуми постојано се соочуваат со политички притисоци, што влијае на слободата во информирањето како еден од столбовите на демократските општества - на ова подолго време предупредуваат домашните и странските експерти, посебно во услови кога земјата е во подготовка за нови избори.

Докрај нејасната ситуација во однос на сопственоста на медиумите дава голем просто за злоупотреби, смета Климе Бабунски од граѓанското здружение Промедиа:

Се` додека редица приватни радиодифузни претпријатија односно радио и ТВ- станици се во некаква идеолошка, политичка, економска, брачна врска со челници од партии итн., се` дотогаш не можеме да имаме рамнотежа на медиумската сцена.

Најголем проблем е нетранспарентноста во однос на сопственоста на медиумите и мешањето на сопствениците во уредувачката политика, вели Сали Брајтон, шеф на одделот за медиуми на ОБСЕ, која се согласува со ставот на Бабунски. Забележува дека оваа состојба трае веќе подолго време, а решението е во тоа постоечките тела само да ја спроведат законската одредба во однос на ова прашање која исто така постои.

Брајтон најавува дека ОБСЕ внимателно ќе го следи медиумското покривање на политичките кампањи за претседателските и локалните избори во март.

На политичките притисоци врз медиумите предупредува и евроамбасадорот Ерван Фуере, посебно истакнувајќи го фактот дека некои сопственици на приватни национални телевизии се лидери на политички партии или се во тесна релација со нив:

-Целата меѓународна заедница, вклучувајќи ги тука ОБСЕ и Меѓународната федерација на новинарите, секако и ние од ЕК, заедно изразуваме посебна загриженост за прашањето околу политичките притисоци врз медиумите на последните избори. Како што наближуваат следните избори, ја повторуваме пораката дека слободата на медиумите мора да биде целосно загарантирана.

Во Здружението на новинари на Македонија признаваат дека има случаи на обиди за замолчување на медиумите. Наведуваат промери и на физички напади, кршење на камери, крадење на опрема, тепање. Но сепак овие случаи не биле пријавувани поради страв. Друг тип на притисоци се преку судски процеси против новинарите, чиј број според евиденцијата на Здружението расте, при што политичките пресметки се водат преку грбот на новинарите, а сумите за обештетување се и до неколку илјади евра.

Во голем број случаи имаме и ние такви податоци дека новинарите често пати се наоѓаат во ситуација да мораат да покријат на начин на каков некој сакаат тоа да го направи, вели Газменд Ајдини од Здружението на новинарите.

Ајдини објаснува дека ситуацијата во Македонија е таква, бидејќи, меѓу другото, законот не забранува лидери на политички партии да бидат сопственици на медиуми.

XS
SM
MD
LG