Линкови за пристапност

Џорџ Буш се обидува да ги увери инвеститорите и да ја намали економската загриженост


Американскиот претседател Џорџ Буш вели дека на наредниот станар во Белата куќа мора да му биде приоритет да го промени начинот на регулирање на финансискиот систем.

На половина час пред почетокот на петочното тргување на американските берзи, претседателот Џорџ Буш изјави дека владата презела „систематски и агресивни мерки" за решавање на финансиката криза. Тој предочи дека ќе биде потребно извесно време, но дека мерките ќе дадат резултат.

Економските извештаи нудат мешана слика за состојбата. Некои економисти велат дека има докази дека почнува да се подобрува ситуацијата на забавениот кредитен пазар, на кој отпаѓа голем дел од финансиката криза. Па сепак, според податоците на Одделот за трговија, бројот на изградени нови домови во септември паднал на најниско ниво во изминатите 17 години. Друг извештај, од Универзитетот на Мичиген, наведува дека истиот месец потрошувачката доверба паднала за речиси 13 проценти на 57,5.

Најновиот пресек на економската ситуација во САД не е нималку розов: и покрај највисоката стапка на невработеност во последните 7 години, се` помал број Американци се пријавува за социјална помош поради невработеност. Оние кои имаат работа – заработуваат помалку од претходната година, бидејќи нивните компании произведуваат помалку. Иако стапката на инфлација практично и не се промени во текот на септември, потрошувачката е на најниско ниво во последниве три години. Ако на тоа се надодаде фактот дека банките поради ситуацијата не даваат кредити така лесно како порано, аналитичарите велат дека се присутни сите состојки за продолжителна рецесија.

- Стотици илјади луѓе ќе ги загубат работните места поради тоа што бизнисите ќе ги скратат платните списоци, вели Марк Занди, економист во „Мудис економи точка ком".

Многумина економисти кривицата за кризата ја фрлаат во прекумерното инвестирање во стамбени кредити – таканаречениот балон во индустријата за домување, со помош на кој во последните години и лицата со недоволен кредитен рејтинг успеаа да станат сопственици на домови. Кога балонот пукна – започна кризата. Многу Американци западнаа во ситуација да не можат да ги отплаќаат кредитите.

Како резултат на тоа, британскиот колумнист Вил Хатон вели дека многу банки се двоумат дали да зајмат меѓу себе:

- Еден од проблемите е што на пазарите не се знае каде ќе се појават загуби и банките не сакаат да ризикуваат со давање на кредити еден на друг. Друг проблем е како да најдете пари за заем.

Токму поради ова, САД и другите развиени земји решија да ги намалат каматните стапки и да внесат готови пари во банкарскиот систем. Но, и покрај тоа, ситуацијата на финансиските пазари сега-засега варира и е - експлозивна.

XS
SM
MD
LG