Линкови за пристапност

ФБИ наполни 100 години


Во саботата Федералното истражно биро – ФБИ одбележа 100-годишнина од основањето. Од кадар од 34 истражители на самиот почеток, бирото со тек на време нарасна на огромна бирократија во која денес работат околу 13.000 специјални агенти, поддржани 23.000 помошен персонал.

По основањето во 1908-ма, Бирото за истражување се` до 1924-та беше само прикриена истражна рака на Одделот за правда во која работеа политички послушници. Тогаш на чело на Бирото стапи 26-годишниот Џеј Едгар Хувер.

Џон Фокс, официјалниот историчар на ФБИ, вели дека Хувер ја исчистил организацијата западната во политичката корупција на тоа време:

- Од се` срце навлезе во реформа на Бирото, како и во тоа - професијата на одржување на законот во федералната влада да биде навистина професија, а не политичка позиција.

Под раководство на Хувер, Бирото за истражување, што ја доби назнаката „федерално“ во 1935-та, воспостави неприкосновена репутација во вештачењето при криминалната истрага, во пронаоѓањето на лица по кои е распишана потерница, како на пример ограбувачот на банки Џон Дилинџер, кој беше убиен пред театар во Чикаго во 1934-та, и, можеби најповеќе од се` - во неподмитливоста.

Хувер ја јакнеше репутацијата на ФБИ во медиумите и јавното мислење се` додека таа не стана недовив дел од современата американска митологија. Меѓутоа, како што наведува поранешниот агент Стан Пиментел, Хувер раководел со Бирото како со феудален имот, практично без надворешен увид или мешање:

- Се разбира, Хувер одговарал пред одредени членови на Конгресот. По логиката на нештата требало да одговара и пред главниот обвинител. Но, во суштина, самиот Хувер беше ФБИ, раководеше со него и практично можеше да прави што сака.

Во таква таинствена и изолирана атмосфера, Бирото започнало да се впушта во контроверзни операции, како прислушкување и попречување на активисти од 1960-те, на пример. Меѓу следените бил и познатиот поборник за граѓански права Мартин Лутер Кинг.

Сега на возраст од 85 години, поранешниот шеф за домашно разузнавање во ФБИ Ед Милер вели дека Хувер бил загрижен за загрозувањето на граѓанските слободи, но истовремено и за она што го сметал за комунистичко влијание врз антивоените и групите за граѓански права. Според Милер, Хувер немал ништо лично потив Кинг, но бил шокиран од она што го дознал за неговите вонбрачни афери:

- Хувер беше загрижен за Мартин Лутер Кинг – не дека не го сакаше, иако, за волја на вистината, не ја сакаше неговата моралност, поради добиените информаци на таа тема.

По смртта на Хувер во 1972-ра, Бирото стана поотворено и поодговорно пред Конгресот. Хувер не доживеа да го види она што можеби најповеќе ќе го растажеше – апсењето и пресудата против еден од агентите на ФБИ, Роберт Хансен, поради шпионирање за Москва.


Денес агентите на ФБИ се поспецијализирани од добата на Хувер. Со навлегувањето во новиот век, тие се насочуваат на националната безбедност, особено на контра-тероризмот.

Историчарот на ФБИ Џон Фокс вели дека погрешните чекори на Бирото под водство на Хувер на денешните агенти им даваат јасна поука за чувствителниот баланс меѓу заштитата на животи и безбедноста од една, и чувањето на граѓанските слободи од друга страна.

XS
SM
MD
LG