Линкови за пристапност

Во Гвантанамо отворен процесот против Салим Хамдан


©По неколкумесечна обвинителна постапка и распит, во американската база Гванатанамо на Куба вчера започна првиот од судските процеси против лицата притворени за време на војната против тероризмот. Обвинетиот Салим Хамдан во судницата недалеку од притворот каде ги мина изминатите шест години се изјасни дека не е виновен.

Судењето треба да утврди дали Хамдан бил само возач и механичар, како што тврдат неговите адвокати, или пак тесно соработувал со водачот на Ал-Каида Осама бин Ладен во планирање и извршување на терористички напади, како што тврдат армиските обвинители. Тие тврдат и дека Хамдан имал две ракети земја-воздух во автомобилот кога бил фатен во Авганистан во ноември 2001-ва. Хамдан, кој е од Јемен и во доцни 30-ти години, може да добие казна доживотен затвор доколку биде осуден за виновен.

На почетокот на ова судење, што инаку е прво за воени злосторства во САД од Втората светска војна - наваму, судијата - морнаричкиот капетан Кит Олред отфрли дел од доказите против Хамдан, меѓу кои и изјави што ги дал додека бил држен во Авганистан пред шест години, кога, според тврдењето на неговите адвокати, бил малтретиран. Судијата одобри во процесот да бидат употребени други, спорни докази. Тој истовремено ги повика членовите на поротата американски армиски офицери дека мора „непристрасно" да ги сослушаат доказите и да започнат од претпоставката дека Хамдан не е виновен, како што е случај со сите кривични процеси во САД.


Портпаролот на Пентагон Брајан Витман оцени дека почетокот на судењето е важен момент:

- Ова е почеток на судски процес со кој илегални борци ќе бидат изведени пред правдата за своите постапки. Важен ден.

Процесот против Хамдан започна и покрај одлуката на Американскиот врховен суд минатиот месец дека притворениците од Гванатанамо имаат право да го оспорат притворот пред граѓански суд во САД. Нижи суд минатата недела, пак, реши дека воените судови во Гвантанамо може да продолжат, додека цивилните воспостават процедура преку која ќе ги ислушаат и донесат одлука за евентуалните тужби од притворениците. Ваквата одлука предизвика негодување меѓу групите за човекови права.

Амнести Интернешенал смета дека таквата одлука претставува „голем пропуст на американскиот систем на правосудство".

Советникот за контра-тероризам Стејси Саливан од Хјуман рајтс Воч вели дека таа е „голема грешка" и не очекува амриските судења да бидат праведни:

- Нема сомневање каков ќе биде исходот од воените судови. Тие навидум се наместени од почетокот. Има многу докази дека ова се многу исполитизирани судења под притисок на извршната власт.

Портпаролот на Пентагон Брајан Витман гледа поинаку:

- Ова се лица кои извршиле незаконски дејства за кои постојат доволно докази за да им се суди и да се сметаат одговорни за злосторствата. На процесите пред армиските комисии ќе има целосно и праведно судење.

20 од вкупно 256 притвореници, колку што останаа во Гвантанамо, се формално обвинети пред таканаречените армиски комисии – судски процес што Конгресот го создаде минатата година, откако Американскиот врховен суд го отфрли претходниот процес на воен суд против нив.

XS
SM
MD
LG