Линкови за пристапност

Американската влада реагира на загриженоста за економијата


Џорџ Буш синоќа го повика Конгресот итно да реагира во однос на легислативата за финансиска помош на најголемите компании што даваат кредити за домови - Фени Меј и Фреди Мек. Американскиот претседател се обиде да ги убеди сонародниците и инвеститорите дека тој владин потег ќе ги стабилизира разнишаните финансиски пазари.

Фени Меј и Фреди Мек се акционерски компании спонзорирани од владата кои изгубија милијарди долари поради кризата на пазарот на домување, во која голем број Американци не се во можност да ги отплаќаат кредитите. Владата викендот реагираше со план за консолидација на компаниите. Некои економисти предупредуваат дека доколку пропадне само една од нив, тоа би имало катастрофални последици по глобалната економија. Околу половина од кредитите за домови во САД се во надлежност на Фени Меј и Фреди Мек. Вкупната вредност на компаниите е 5,3 трилиони долари, од што една петина е во сопственост на странски инвеститори.

Американската економија, според Џорџ Буш, демонстрирала извонредна отпорност, и покрај кризата во кредитната индустрија и другите економски неволји. Тој е оптимист:

- Може да имаме доврба во долгорочната основа на нашата економија. Верувам дека ќе излеземе од овој предизвик посилни од кога и да е` порано.

Осврнувајќи се на берзанските шпекулации дека американските банки може да ја загубат ликвидноста, претседателот ги увери Американците и инвеститорите ширум светот дека американскиот банкарски систем е во основа солиден.

Буш истовремено го повтори повикот до Конресот да ја укине забраната за нафтено дупчење долж американското крајбрежје, како мерка против се` поголемата цена на нафтата.

Директорот на Американската централна банка Бен Бернанки, пак, вчера на распит во Конгресот рече дека американската економија е пред “бројни тешкотии“, како и дека се зголемиле заканите по економската благосостојба на земјата:

- До крајот на годината, производството најверојатно ќе се шири со забележително помала стапка, првенствено поради натамошната слабост на пазарот на домување, зголемените енергетски цени и слабите кредитни услови.

Бен Бернанки најави дека финансиските пазари и натаму ќе бидат приоритет на владата, но дека таа е внимателна и во однос на зголемениот ризик од инфлација и спласнатите стапки на развој.

XS
SM
MD
LG