Стејт департментот изрази разбирање за одлуката на Ѕвангираи да се откаже од трката и изрази длабоко разочарување што владата на Мугабе ги направила слободните и фер избори невозможни со нејзината насилна кампања против опозицијата.
Во писмено соопштение, државниот секретар
Кондолиза Рајс изјави дека е јасно оти претседателот Мугабе е решен да ја
згасне волјата на народот во Зимбабве и оти САД најостро го осудуваат
насилството.
Рајс истакна дека опозиционото Движење за
демократски промени и партијата ЗАНУ ПФ на Мугабе мора заедно да работат во
името на луѓето во Зимбабве и истакна дека владата на Мугабе нема да има
легитимитет во отсуство на втор круг избори.
Секретарот Рајс рече дека Мугабе и неговата влада
ги прекршиле основните принципи на владеење – заштита на граѓаните, и затоа
мора да бидат земени на одговорност пред меѓународната заедница.
Во разговорите со репортерите, заменикот портпарол
на Стејт департментот Том Кејси изјави дека оценките на секретарот Рајс за
легитимитетот на владата на Мугабе се реални, со оглед на ситуацијата:
-Ова е влада која нема легитимитет во очите на нивните народ, во очите на САД или во очите на меѓународната заедница кои регистрираа отсуство на слободни и фер избори. Дали ќе има последици за ваквото однесување ќе зависи од однесувањето на оваа влада по нашите соопштенија, по акциите од Советот за безбедност, како и по дискусиите кои ги имаме со регионалните лидери.
Кејси рече дека како дополнување на мерките од
меѓународната заедница, САД може да ги зајакнаат санкции кои веќе се во сила
против Мугабе и неговите соработници.
Тој ја отфрли можноста за повлекување на
американскиот амбасадор од Хараре, Џемс МекГи, истакнувајќи дека неговото
присуство е битно за смирување на состојбата и одржување на контактите со
опозиција што е под притисок.
Кејси рече дека САД немаат удел во одлуката на
Ѕвангираи да се повлече од вториот круг
на изборите, но ја поддржуваат со оглед на актуелните услови, за кои рече дека
прават претседателот на Зимбабве да нема никаква меѓународна поддршка:
-Можам само да кажам дека мора да е многу темно и
страшно место каде во моментов Мугабе политички се наоѓа, затоа што е мошне
јасно дека за акциите од неговата влада ниту тој ниту оние кои го поддржуваат
не веруваат дека може да победи во фер и слободни избори, ако прибегнуваат кон
ваков вид на насилство како одговор.
Кејси не рече конкретно кои чекори
администрацијата на Буш сака светската заедница да ги преземе, но оти првично
очекување е таканареченото претседателско соопштение од Советот за безбедност
во кое ќе се осуди владата во Хараре.
Јужна Африка е меѓу земјите кои се противат ова прашање да биде отворено во Советот за безбедност, но Кејси рече дека последниот
развој на настаните инспирирал промена на тонот кај регионалните лидери, кои
едновремено за заштитуваа Мугабе.