Линкови за пристапност

Дејвис:  демократија се гласачките ливчиња, а не куршумите


„Тешко е да се поверува дека тоа е држава со која пријателите ми се толку горди, држава која лично јас сум ја посетил и чиј народ го почитувам заради неговата отвореност, дарежливост и решителност да го следи демократскиот, европски пат“, наведува во својата порака генералниот секретар на Советот на Европа Тери Дејвис, кој ја изразува и својата шокираност од фактот дека за време на предвремените парламентани избори во Македонија било употребено и оружје.

Дејвис потенцира дека ниту едно политичко или друго разбирање не може да го оправда насилството и дека демократија се гласачките ливчиња, а не куршумите.

- Во демократијата гласачките ливчиња не се за власт и одмазда, туку за избирање политичка визија и програма за иднината на државата, вели Дејвис, според кого и победниците, и губитниците на изборите ја делат одговорноста за целосниот напредок на Македонија. Затоа, иако смета дека дека напредокот на Македонија кон демократија „не треба да биде изместен поради трагичните инциденти од неделата“, Дејвис ги повика македонските власти да извршат истрага и да ги изнесат пред лицето на правдата извршителите на насилствата.

А, додека властите не ја завршат својата работа за изборните насилства, реагираше невладиниот сектор. Невладината организација Цивил, поддржана од Градот Скопје и мисијата на ОБСЕ во Македонија, како и од други невладини организации и здруженија на граѓани од Македонија и од странство, организира Глобалната недела на акција против оруженото насилство во Македонија, чија цел е надминување на ваквиот вид насилство и спроведување контрола на оружјето преку конкретна акција на локално и државно ниво. Според скопскиот градоначланик Трифун Костовски и централната власт мора да се вклучи во борбата против злото што е присутно во Македонија подолго од една деценија.

- Граѓаните на Македонија и на Скопје не заслужуваат да бидат заложници на вакви влијанија кои ги оддалечуваат од евроатланските интеграции, рече Костовски.

Како дел од кампањата за борба против оруженото насилство, на плоштадот Македонија ќе настапат повеќе диск џокеи, а ќе се одржат и поетска вечер и уметнички работилници.

Премиерот Никола Груевски во интервјуто кое МИА ќе го објави во вотрник, изразил жалење за сите инциденти и проблеми што се појавиле во текот на изборниот ден и потенцирал дека нема да се дозволи ниту еден пратеник во Собранието да ја добие функцијата на нелегитимен и недемократски начин.

- Јас нема да ја формирам новата влада се` додека не се осигурам дека на сите избирачки места, во целост, на 100% од избирачките места во Република Македонија, граѓаните ја изразиле својата волја, односно дека новото Собрание ќе биде целосен израз на желбите и волјата на граѓаните, а не на волјата на поедини криминални групи, или на насилници кои ги полнеле кутиите, изјавил Груевски во интервјуто за МИА од кое беа објавени сепарати.

Според Груевски, „правната држава не дозволува насилство, и сите оние кои ќе посегнат по насилство ќе бидат спречени и санкционирани, без разлика на нивната политичка, етничка и верска припадност. Во овие случаи се работи за поединци кои ги доведоа Албанците во тешка ситуација, се работи за луѓе кои не им мислат добро на Албанците”, рекол Груевски.

XS
SM
MD
LG