Линкови за пристапност

Македонија може да има улога во новата култура на меѓународни односи


Интервју со Срѓан Керим, претседател со 62-рото Генерално собрание на ОН, за Милениумските развојни цели

Претседателот на 62-рото Генерално собрание на ОН Срѓан Керим за Глас на Америка на македонски говори за очекувањата и досегашните резултати во остварувањата на Милениумските развојни цели. Рокот за нивна реализација е 2015-та.

На Милениумскиот самит во 2000-та, меѓународната заедница – секој лидер, секое меѓународно тело, речиси секоја држава се заложи за реализирање на Милениумските развојни цели. На половина пат до рокот во 2015-та направен е витален напредок – секој ден преживуваат 3 милиони деца, 2 милиони добиваат третман против вирусот Хив, 41 милион повеќе деца одат во училиште, економиите на африканските земји бележат пораст од 6 проценти во изминатите три години. Но, потребно е уште многу да се стори. 980 милиони луѓе во светот се` уште живеат со еден долар на ден. 1 милион луѓе умираат од маларија секоја година, вклучувајќи на едно дете секои 30 секунди.

Домаќин сте на средбата на високо ниво посветена на Милениумските развојни цели, кои треба да се остварат до 2015-та? Зошто е важно да се одржи состанокот?

- Пред се` затоа штo Милениумските цели, заедно со климатските промени, со финансирањето на развојот, борбата против тероризмот и со реформат а на системот на ОН, се едно од приоритетните прашања на агендата на 62-рото заседание на ОН. Фактот што тоа е едно од приоритетните прашања на дневниот ред, зборува самото за себе каква вредност има тоа прашање за ОН. Пред се` поради фактот што во 2000-та, кога почна новиот Милениум на највисоко ниво во ОН на еден од најрепрезентативните самити, преку 100 шефови на држави и влади донесоа одлуки како да се справи светот со сиромаштијата и со оние земји кои имаат тешки економско-социјални проблеми. За таа потреба се донесоа 8 цели и се одреди временски рок до 2015-та тие да се одржат.

Зошто решивте да му посветите посебно внимание на ова прашање за време на македонското претседавање со Генералното собрание?

- Македонија, гледана од наша гледна точка, е мала земја и земја во развој во европски рамки. Нашиот општествен продукт е под 5.000 евра а тој во многу земји во Африка, Азија и Јужна Америка е од 500 до 3-4000 долари. Тој сензибилитет произлегува од тие факти. Сметам дека една силна развојна агенда соодветствува на потребите и желбите, интересите на најголемиот број земји-членки во ОН. Конечно, сега се наоѓаме на половина пат до поставената цел за остварување на целите до 2015-та. Сега е вистинскиот момент да се согледа што е сторено, до каде сме дојдени и што допрва треба да се стори за реализирање на Милениумските цели.

Во неколу наврати говоревте за потребата од нова култура на меѓународни односи, заснована на меѓусебна почит и толеранција. Каков е односот меѓу овој концепт и остварувањето на Милениумските цели?

- Има длабока врска меѓу едното и другото. Таа нова култура на меѓународни односи би требало да почива на човековите права, на човековата сигурност, на правото и одговорноста на ОН да интервенираат таму каде има загрозени или на она што се нарекува „одговорноста да се заштитува“, и, конечно, одржливиот развој. Тие четири принципи заедно, засновани на вредности кои се вградени во повелбата на ОН – солидарност, еднаквост, заедничка одговорност – се прашања што не може да се разгледуваат одвоено. ОН треба при исполнувањето на Милениумските цели интензивно да работат да станат епицентар на ширење на една таква култура на меѓународни односи.

Може ли Република Македонија да игра улога во оформувањето на оваа нова култура на меѓународни односи?

- Апсолутно. Целта е да се афирмираат малите земји и индивидуата. Во денешната ера на глобализација - кој се чувствува најзагрозен: малите земји и таканаречениот мал човек, затоа што се смета дека со обединувањето на технолошките и економските капацитети и со обединувањето на ресурсите најмногу страдаат таканаречените обични луѓе. Второ, малите земји во тој огромен бран на глобализација имаат повеќе недостатоци и хендикепи отколку големите. Кога говориме за глобализацијата и нејзиното влијание врз суверенитетот, мораме да знаеме дека суверенитетот не може да остане во една апсолутна смисла во која бил во 18-от и 19-от век. Тоа денес се релативизира и голем број земји делегираат дел од својот својот суверенитет на национални институции. Во Европа, таков пример е ЕУ. Независно дали се работи за Германија, Данска, сите земји кои прифатиле да бидат земји членки на ЕУ делегираат дел од суверенитетот на Унијата. Моја теза е дека времето што е пред нас, кое уште повеќе ќе ја развива глобализацијата, ќе треба да се развива во смисла на разглобување на суверенитетот и префрлување на еден дел на националниот суверенитет на индивидуата. Тоа ќе овозможи во денешниот свет на информатички и комуникациски технологии и индивидуата да игра своја улога и да стане дел од суверенитетот. Многу е важно индивидуата што поскоро да добие свој концепт и место во меѓународните односи во однос на суверенитетот на земјите.

XS
SM
MD
LG