Економската забавеност вообичаено значи отпуштање на луѓе од работа или барем неможност економијата да ги апсорбира сите кои бараат работа. Како резултат на тоа, невработеноста типично се зголемува кога економијата слабее, а статистиките со невработеноста се главен индикатор за економистите кои се обидуваат да утврдат дали САД влегуваат во рецесија.
Но, последните цифри покажуваат дека опаѓа бројот на луѓе кои се пријавуваат за социјална помош од владата веќе четврта последователна недела, со што невработеноста е на најниско ниво во последните четири месеци. Сепак, официјалната стапка на невработеност е 5 проценти, со наглото зголемување во декември, а повеќето економисти очекуваат таа да продолжи да расте во текот на годинава.
Во меѓувреме, се продлабочува проблемот со секторот за домување во САД. Последните статистики покажуваат дека продажбата на домови е опадната за повеќе од два проценти во декември, како завршеток на годината во која имаше рекордно опаѓање на овој вид продажба за последните две децении.
За многу Американци - нивните домови се најголема финансиска инвестиција. Пред мината година цените на куќите беа во подем, давајќи им на милиони Американци дополнителна вредност на нивните куќи што тие го искористија за добивање нови заеми за купување други потребни работи, со што економијата цветаше. Економистите стравуваат дека опаѓањето на вредноста на куќите ќе има обратен ефект и многу луѓе ќе се чувствуваат „сиромашни“ и ќе се воздржуваат од купување. Како дополнување, кризата со станбените кредити резултира со рекордна бројка на одземени домови што, пак, ги потресе финансиските пазари и надвор од САД.
Среде загрижувачките економски сигнали изагриженост за евентуална рецесија, Белата куќа и конгресните лидери ги договорија последните детали од стимулирачкиот пакет кои на даночните обврзници ќе им врати дел од даноците за да го охрабри трошењето и да промовира инвестиции во бизнисот.
Марк Занди, економист од истражувачката фирма Моди Економи точка ком, вели дека на американската економија и е многу потребен поттик:
-Мислам дека економијата е во криза. Потребна и е помош – пониски каматни стапки и фискална стимулација – ми изгледа како разумно добар стимулирачки план.
За прв пат неделава, американските финансиски пазари вчера го започнаа тргувањето со добивка и беа на позитивно до средината на денот. Аналитичарот на берзите Јуџин Перони од фирмата во Филаделгија Janney Montgomery Scott вели дека паничното продавање на акциите можеше да се види насекаде во светот, но барем засега престанало:
-Мислам дека расположението меѓу инвеститорите се промени од загриженост - во можност.
Американскиот долар забележа опаѓање во соодносот со главните валути на европските берзи, додека цената на златото порасна.