Линкови за пристапност

СДСМ бара институционална одговорност за случајот Мијалков


Кривични пријави против Мирјана Димовска и Горан Трајковски, бидејќи не го гонат директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, бара СДСМ. Потпретседателот Јани Макрадули вчера во МВР предаде фасцикла во која според него има докази, кои потврдуваат дека првите луѓе на Антикорупциска комисија и на Управата за јавни приходи го прекршиле Законот за спречување корупција. Според Макрадули, Димовска девет месеци го толерира Мијалков кој не пополнил анкетен лист што како државен функционер му обврска, а Трајковски не побарал да се испита потеклото на, според СДСМ, сомнително стекнатите имот и пари на Мијалков.

- Анкетниот лист не е пополнет. На 14 јуни има состојба од 300.000 евра во акции и милионска сума на имот, некој согласно законот треба да го испита тоа потекло на имотот. Во РМ тоа се институциите на системот и на државата.

Празен лист хартија. Тоа го покажа портпаролот на МВР Иво Котевски, објаснувајќи ги доказите што ги поднел Макрадули како поткрепа на барњето за кривични пријави. За Мијалков доставил анкетен лист од веб страницата на Антикорупциска и исечоци од весници. За МВР тука нема случај.

- МВР работи по сопствени сознанија и по пријави од страна на граѓани. Пријавата од страна на Јани Макрадули за неговите сомненија за стоен криминал е ова. Изгледа празна, но тоа се сите докази со кои што Јани Макрадули располага.

Котевски вели дека министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска и двајца инспектори за организиран криминал го чекале Макрадули во зградата да им ги достави доказите против Мијалков.

- Иако беше уредно поканет да дојде во 11 часот кај министерката, него го чекаа и двајца инспектори од Одделот за организиран криминал за да ги испитаат сите наводи кои тој ќе ги понуди, за жал тој не собра храброст и да каже дали е вистина или се само тенденциозни измислици работите со што излезе на прес конференцијата.

Ако сакав тоа да им го доставам на луѓе од ВМРО - ДПМНЕ тоа ќе го сторев во седиштето на партијата, одговара Макрадули, алудирајќи на тоа дека Јанкуловска до скоро беше генерален секретар на партијата, а Мијалков е член на оваа партија. СДСМ неодамна на прес - конференција го обвини Мијалков дека користејќи ги прислушните уредни на Берзата заработил голема сума пари и милионски вреден имот.

XS
SM
MD
LG