Линкови за пристапност

Презентирано пронајденото оружје во Бродец


Различни типови на артилериско оружје, гранати, рачни фрчали, минофрлачи, ракетни фрлачи „оса“, бесповлечни топови, противпешадиски мини, противокопен електронски наведувач, разни типови бомби, автоматско оружје, муниција, два противавионски лансери земја- воздух “стрела“, зољи, оружје доволно да се опреми баталјон од 650 лица. Со овој арсенал располагала криминалната група што завчера беше разбиена во Бродец во полициската акција Планинска бура.

Ова е најголема заплена на илегално оружје досега, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

- Оружјето како што може да се види има различно потекло. Од пакувањето на оружјето се гледа дека дел е од кинеско, дел е од југословенско производство има парчиња оружје од Русија и од други простори. Сега останува во текот на истрагата и врз основа и на изјавите и врз основа на нашите разузнавачки информации да се утврди периодот кога е внесено оружејто и патот по кој тоа стигнало во тетовско Бродец.

Вооружената група е повеќе од криминална, тврди министерката Јанкуловска, судејќи според прирачниците за обука, оружјето што го користеле и отпорот што го пружиле. Против 17 лица, од кои четворица се во бегство, МВР ќе поднесе кривични пријави. Нема информации каде би можела да биде избеганата група.

- Се разбира дека работиме на откривање на местото каде тие евентуално се кријат, но кривична пријава ќе биде поднесена против сите 17, вклучувајќи ги и четворицата кои се во бегство. Ние денеска го доставивме посебниот извештај, и останува на Обвинителството конечно да ги формулира и да ги процесуира пријавите. Меѓутоа според она што се случи таму овде има простор за многу потешка квалификација.

Запленетото оружје МВР денеска го презентираше во касарната Ѓорче Петров во Скопје.

XS
SM
MD
LG