Истакнувањето на знамињата на етничките заедници при пречек на претседател на држава, на Собрание, при официјални посети на странски делегации, но и на спортски настани, собири и манифестации во општините во Македонија е противуставно. Вака одлучи Уставниот суд, кој решаваше по иницијативата за уставноста на законот донесен од претходната владејачка гарнитура.
И веднаш реакција од ДУИ- нивните градоначалници кои раководат со 14 општини нема да ја почитуваат одлуката. На вонредна седница вчера попладне партијата одлучи дека Уставниот суд донел политичка одлука под притисок на ВМРО - ДПМНЕ и на ДПА.
Лидерот Али Ахмети по седницата му се обрати на премиерот Никола Груевски, потсетувајќи го на некоја вечера со европски претставник:
- Тој инсистираше да ги дознае причините за конфликтот во 2001 година. Јас се обидов најискрено да му одговорам, но нему изгледа не му се јасни тие причини, рече тој.
Екс премиерот Владо Бучковски, во чие време беше донесен контроверзниот закон, не сака да ја коментира одлуката. Имајќи го предвид искуството од гостиварските настани во 1997-ма година, би бил внимателен во давањето политички проценки на влијанието на оваа одлука врз идните настани - вели тој. Неговата Влада само го имплеметиирала она што било договорено со консензус:
- Одговорноста за носењето на законот треба да ја чувствуваат сите оние кои во тоа време го носеа законот. Законот беше донесен со консезус, имајќи ги предвид новонастаните околности - дека беше единственото отворено прашање кое беше дел од Имплементацијата на Рамковкниот договор.
Во Владата чекаат насоки од Министерството за правда:
- Владата на РМ во текот на вчерашниот ден беше информирана од медиумите дека Уставниот суд донел извесна одлука во врска со Законот за употреба на знамињата на заедниците. Во наредниот период ќе почекаме и официјално да ја добиеме одлуката на Уставниот суд и потоа Министерството за правда ќе ја информира Владата за натамошните чекори што треба да ги преземеме во врска со оваа одлука, изјави портпаролот Ивица Бцевски.
ДПА во одлуката на Уставниот суд гледа сценариот на тогашната власт, сегашна опозиција. Бара оставка од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи:
- Овој состав на Уставниот суд е креиран од мнозинството на минатиот мандат на ДУИ и на СДСМ. Се гледа дека ова сценарио е направено од овие две партии за уште повеќе да ги комплицираат настаните во Македонија и да создадат хаотична атмосфера и да ги подигнат меѓуетничките страсти, вели Ружди Матоши.
Од донесувањето на Законот во 2005-та година, за преиспитување на неговата уставност беа поднесени пет иницијативи, од граѓани, невладини организации и политички партии.