Линкови за пристапност

Средби на Ди Карло со Ахмети и Шеќеринска


Ди Карло синоќа ја заврши дводневната посета за време на која оствари средби со државниот врв, но и со опозицијата. И на обете страни им порача дека клуч за успехот на Македонија во иднина е продолжување на политичкиот дијалог. Токму на недостаток на ваквата комуникација вчера на помошничката на Кондолиза Рајс и се пожалија лидерите на опозицијата Али Ахмети и Радмила Шеќеринска. Обајцата реагирале дека не се почитува договорот Груевски- Ахмети постигнат во мај годинава.

- Беше искажано нашето незадоволство во однос на недоволното ангажирање на другата страна во однос на имплементирањето на договорот од 29-ти мај, особено со оглед на фактот дека ова е едно прашање од кое зависат многу работи, меѓу другото и членството на Македонија во НАТО и ЕУ, изјави лидерот на ДУИ по средбата во Резиденцијата на американскиот амбасадор.

Ди Карло, според изјавата на Ахмети, не успеала да го убеди да се врати во Парламентот, бидејќи тој рекол оти ДУИ ќе се врати во собраниската сала кога Анкетната комисија ќе го објави извештајот за инцидентите.

На недостаток од констуктивност кај власта, на високот претставник на Стејт департментот му се пожалила и Шеќеринска. Лидерката на СДСМ вели дека договорот прво требало да го почитуваат двете партии кои го договориле, а потоа и останатите, што не е случај. Таа жали што Ди Карло ја дочекале во уште полоша политичка ситуација одошто при последната нејзина посета на Скопје.

- Ја испуштивме шансата кога веќе е тука да се пофалиме со напредок. Минатиот пат кога беше во посета на Македонија, ДУИ беше надвор од Парламентот и тоа беше еден од крупните проблеми, немаше политички дијалог, немаше консезус. Сега беа вратени во Парламентот, и при оваа посета имаме уште поголеми скандали во Собранието на РМ.

Заменик- државниот секретар Ди Карло не сакаше да ги коментира евроатланстските перспективи на Македонија по ваквите инциденти. На прашањето дали ќе има ли покана за Македонија во НАТО, напролет, таа кусо одговори:

-Мислам дека тоа зависи од Македонија.

Но затоа пак беше децидна дека доколку за тоа е донесена одлука, никој не може да го спречи приемот на земјата во Алијансата - ниту ветото на Грција.

-Би сакале да видиме страните да постигнат договор по ова прашање. Тоа е важно прашање. Но како што знаете, ние го поддржуваме Договорот од 1995-та година во кој се наведува дека Македонија може да влезе во меѓународните регионални организации под референцата ФИРОМ.

XS
SM
MD
LG