Со посетата на затворите во Струмица и Гевгелија, народниот правобранител Иџет Мемети започна со спроведувањето на програмата за запознавање на осудените лица во македонските затвори со нивните права и европските стандарди за издржување на затворските казни. Во текот на овој и следниот месец правобранителот и неговите заменици ќе ги посетат 11-те казнено-поправни домови и затвори, и ќе ги едуцираат осудените лица како да ги остварат и заштитат сопствените права. Во 30-минутни презентации пред осудените лица ќе биде промовирана брошурата Народниот правобранител за заштита на правата на осудените лица, подготвена од канцеларијата на Правобранителот и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во која се поместени Европската конвенција за заштита од мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, Европските затворски правила, донесени минатата година, кои гарантираат хуман однос кон лицата лишени од слобода, македонскиот Закон за извршување на санкциите и Законот за народниот правобранител.
Една од задачите на проектот е и повторно согледување на условите во кои престојуваат осудените лица, откако Народниот праворанител во јуни минатата година изготви Посебен извештај за состојбите во казнено-поправните и воспитно-поправните установи во Македонија, во кој, како и во извештајот од повеќегодишниот проект на Хелсиншкиот комитет на Македонија генерално беше заклучено дека состојбата во македонските затвори е загрижувачка и далеку од европските стандарди.
Според правобранителот Мемети, “најкритично е во најголемиот Казнено поравен дом Идризово во Скопје”, затоа што, “условите се под секакви меѓународни и домашни стандарди“. Мемети смета дека се неопходни подобрувања во оставрувањето на правата на осудените лица, пред се` правото на здравствена заштита, правото на подобри услови во кои престојуваат и правата поврзани со исхраната и контактите со надворешниот свет.
Годинава 82 осудени лица му пишале претставки на народниот правобранител во кои се жалеле на судските одлуки и на третманот во затворите.