Линкови за пристапност

Поранешниот судија Мајкл Мјукејзи кандидиран за нов американски главен обвинител 


Мајкл Мјукејзи 18 години беше окружен судија во Њујорк. Во 1995-та претседаваше во процесот против Шеик Омар Абдел Рахман, кого го осуди на доживотен затвор за учество во нападот врз Светскиот трговски центар во 1993-та.

Претседателот Буш го нагласи искуството на Мјукејзи за прашања од националната бебедност:

- Има јасна претстава за заканата пред нашата држава. Како судија и адвокат се има произнесено за прашања од уставното право и националната безбедност. Знае што е потребно ефикасно да се води оваа војна против тероризмот, и како да се прави тоа во согласност со нашите закони.

Буш побара Сенатот под итно да го потврди 66-годишниот судија, кој едно време во кариерата беше и федерален обвинител.

Мјукејзи ги подвлече предизвиците пред САД во добата по 11-ти септември 2001-ва:

- Задачата да помогнеме во заштита на безбедноста, што Одделот за правда ја дели со останатите владини оддели, не е единствената. Одделот мора и да ја обезбеди сигурноста на нашите деца, безбедноста на трговијата - што го обезбедува нашиот напредок, и правата и слободите што не` дефинираат како нација.

Претседателот Буш воедно му се заблагодари на досегашниот главен обвинител Алберто Гонзалес, кој даде оставка минатиот месец по критики од демократите и некои истакнати републиканци за своите толкувања за овластувањата на претседателот Буш во правни прашања во врска со војната против тероризмот, како и за контроверзното отпуштање на група федерални обвинители.

XS
SM
MD
LG