Линкови за пристапност

Расте притисокот врз пакистанската влада


Насилството уследи по владиниот напад врз Црвената џамија во Исламабад порано месецов и колапсот на мировниот договор со про-талебанските милиции. Исламските милитанти цела недела ја држеа џамијата под контрола пред владините сили да ги истераат од неа. Џамијата денес ја зазедоа стотици исламски студенти, спречувајќи го оџата назначен од владата да раководи со петочната молитва. Во екссплозијата кусо време потоа во непосредна близина на џамијата, за која властите се сомневаат дека е дело на бомбаш-самоубиец, загинаа најмалку 13 лица. Согласно мировниот договор, пак, пакистанската армија ги намали операциите во покраината Вазиристан, дозволувајќи им на тамошните племенски лидери да се справат со исламските милитанти.

Американската Сенатска комисија за надворешни работи и многу експерти за Пакистан го губат трпението. Сенаторот-демократ Џон Кери вели:

- Осама бин Ладен и другите главни команданти се` уште се кријат некаде во регионот.

Даниел Марки од приватната организација Совет за надворешни односи вели дека Бин Ладен и останатите лидери досега требало да бидат уапсени, и дека и САД, и Пакистан потфрлиле во таа насока. Некои во Конгресот дури бараат да се ускрати финансиската помош за владата на пакистанскиот претседател Первез Мушараф, тешка 10 милијарди долари. Експертот Марки сепак смета дека САД не треба на ваков начин да се закануваат на кавиот-таквиот сојузник Пакистан во еден значително проблематичен регион, бидејќи тоа нема да го мотивира на подобра соработка во борбата против тероризмот. Со ист став и американската влада, која бара од Конгресот стратешка, натпартиска поддршка за Пакистан.

XS
SM
MD
LG