Линкови за пристапност

Милошоски во Вашингтон:  американска поддршка за членството во НАТО, да се заокружат реформите


Милошоски на средбата со Рајс во Стејт департментот рекол дека Република Македонија во обидот за влез во НАТО во моментов е концентрирана на судските и економски реформи, како и на борбата против криминалот, корупијата и трговијата со луѓе.

- Имаме постигнувања и досега во овие области, и планираме да продолжиме така перманентно. Тоа ќе ја засили уште повеќе нашата апликација и ќе даде можност на нашите пријатели и сојузници, кои се залагаат проактивно за членство на Македонија во НАТО, да бидат и поубедливи, и послободни за време на самитот 2008-ма - да ја испорачаат поканата до Македонија и до другите земји апликанти за наше зачленување, кажа Милошоски во интервјуто за Гласот на Америка веднаш по средбата со Рајс.

Првиот човек на македонската дипломатија не верува дека разликите со Грција околу името можат да бидат проблем во однос на приемот на Македонија во НАТО:

- Билатералното прашање, односно спорот кој Република Грција го има со нашето уставно име, и прашањето на проширувањето на НАТО во Југоисточна Европа се две различни прашања. Јас се сомневам дека грчката политика – знаејќи дека и тие сериозно пристапуваат кон стабилноста во регионот – би направила погрешна проценка, наместо инвестиција во понатамошната стабилност на регионот, да инвестира во некои свои билатерални дневно-политички прашања што, нормално, се интересни за нивната предизборна кампања, но во секој случај не помагаат во зацврстувањето на таа демократска архитектура во која сите заедно инвестираме во изминативе 15 години.

На средбата Рајс-Милошоски се разговарало и за Косово. Милошоски подвлекува дека Македонија не е државата која ќе го определи идниот статус на Косово, но:

- Ние имаме еден здраво изграден мост помеѓу Скопје и Белград. Во изминативе неколку години, почнавме успешно да воспоставуваме една релација меѓу Скопје и Приштина, и сакаме и двете релации да ги задржиме функционални и исполнети со доверба и добрососедство. Нашата порака до меѓународната заедница е дека ние претпочитаме статус за Косово, отколку статус-кво. Статус-квото може да биде поголем извор на нестабилност и поголем ризик.

Милошоски вели дека со Рајс разговарал и за македонскиот придонес во мисиите во Авганистан, Ирак и во Босна и Херцеговина, како и за потребата билатералната политичка соработка - која ја оцени како одлична - да биде надградена со зголемена економска.

XS
SM
MD
LG