Линкови за пристапност

Буш: Политичарите од Вашингтон не може да одлучуваат за командантите во Ирак


Претседателот Буш ги повтори заканите за вето за законот во Конгресот за финансирање на војната во Ирак но со додавката за краен рок за повлекување на американските сили. Пола Волфсон известува за последната ескалација на тензиите меѓу Белата куќа и мнозинството на Демократската партија во Капитол Хил.

Претседателот Буш рече дека парите за војната се очајно потребни. Но, тој рече дека ќе го блокира секој напор на Конгресот да постави рок за повлекување:

„Неразумно е политичарите во Вашингтон да одредуваат временска рамка во име на нашите воени команданти кои се наоѓаат во воена зона, оддалечена од нас - 6000 милји.„

Претставничкиот дом усвои легислатива и повика на задолжително повлекување до 31- ви август 2008-ма. Сенатската верзија на законот, за која се уште се дебатира, постави необврзувачки рок до 31-ви март 2008-ма.

Буш вели дека обете верзии се неприфатливи, дури и ако обезбедат милијарди долари за воени операции во Авганистан и во Ирак. Тој ги обвини Демократите дека туркаат за усвојување закон со цел да придобијат политички поени, иако знаат дека немаат обезбедено дво-третинско мнозинство за поништување на ветото:

„Конгресот продолжува да ги турка законите. Додека тие се обидуваат во тоа, часовникот отчукува за нашите трупи на военото поле. Финансиските средства за нашите сили во Ирак ќе почнат да се намалуваат во средината на април. Членовите на Конгресот треба да запрат со политички соопштенија и да почнат да обезбедуваат витални средства за трупите.„

Претседателот го окарактеризира предлог-законот како најлош вид на конгресно мешање во воената стратегија – со кобни последици:

„Сега некои веруваат дека со одложување на средствата за нашите трупи ќе ме принудат на рестрикции за нашите команданти со што ќе уследи повлекување и најверојатно пораз. Тоа нема да се случи.’“

Лидерот на мнозинството во Конгресот, Демократот Хари Рид, возврати дека претседателот мора да сфати колку е сериозен Конгресот околу желбата за промени на курсот во Ирак:

„Тој е претседател, а ние сме претставници во Конгресот. Се надеваме дека ќе има волја да работи со нас во следните денови со јазик, прифатлив за обете страни.“

Сенатот треба да гласа по финалната верзија на мерката тешка 122 милијарди долари нешто подоцна неделава.

XS
SM
MD
LG