Линкови за пристапност

Американското разузнавање предупредува дека Ал-Каида се реорганизира


Во планинските региони долж границата меѓу Пакистан и Авганистан, лидерите на Ал-Каида повторно воспоставуваат контрола врз сопствената терористичка мрежа, велат американски официјални лица. Тие тврдат дека има се поголеми докази дека Осама бин Ладен и неговиот заменик Ајман ал Завахри основаат мали кампови за обука во пакистанските племенски региони долж границата со Авганистан.

Новиот директор за национално разузнавање Мајк Меконел вели дека јадрото на вишото раководство на Ал-Каида се покажало отпорно:

- Ал-Каида, заедно со другите терористички мрежи, и натаму се обидува да дојде до хемиско, биолошко, радиолошко и нуклеарно оружје или таков материјал. Ал-Каида исто така остварува посилни оперативни врски што ги надминуваат рамките на камповите во Пакистан со сродни групи и мрежи ширум Блискиот Исток, Северна Африка и Европа.

Американското разузнавање претходно тврдеше дека Бин Ладен и другите лидери на Ал-Каида не се во можност ефикасно да комуницираат со симпатизерите и дека единствено можат да дадат инпирација некому за терористички напад. Воочи конгресните избори минатиот ноември, претседателот Буш рече дека тие се во бегство и рече дека САД победуваат во војната против нив. Па сепак, во еден говор минатиот месец, тој беше поумерен во врска со Ал-Каида:

- Талебан и борците на Ал-Каида се кријат во зафрлените региони на Пакистан. Тоа е дива област. Тие се кријат, регрутираат и вршат напади.

Професорот Брус Хофман, експерт за тероризам од Универзитетот Џорџтаун, вели дека обновата на Ал-Каида претставува чекор назад во војната против тероризмот:

- Ова е по првпат од 11-ти септември 2001-ва да се појават кампови со кои раководи Ал-Каида. Тие се мали, не како оние што порано постоеја во Авганистан, но тоа посекако е алармантно.

Аналитичарите велат дека пограничните области станале центар на милитантна активност кога пакистанската влада постигна договор со племенските лидери да ги врати армиските сили во касарните, а племенските лидери за возврат ветија дека ќе прекине локланата поддршка за Ал-Каида и Талебан.

Минатиот септември, за време на посетата на Белата куќа, пакистанскиот претседател Первез Мушарав го бранеше договорот:

- Нема да има активности на Ал-Каида во племенските заедници, односно долж границата со Авганистан.

Па сепак, американски разузнавачи велат дека договорот негативно се одразил бидејќи Ал-Каида и талебанските бунтовници сега гледаат на племенските области како засолниште за обука и вршење прекугранични напади врз американските и коалиционите сили во Авганистан.

Пензионираниот пакистански генерал Талал Масуд, аналитичар за безбедносни прашања од Исламабад, коментира дека племенските региони сега се лесно место каде милитантите може да се сокријат:

- Затоа што регионот е планински реони и се зближуваат со луѓето. Користат типична герилска тактика и ја имаат поддршката на локалното население. Најлоша работа е што имаат вистинска поддршка.

Американскиот потпретседател Дик Чејни неодамна го посети Пакистан и предупреди дека Ал-Каида зајакнува во тие области. Следниот ден во Авганистан, бомбаш-самоубиец активира експлозив пред армиска база каде престојуваше Чејни. Талебан презеде одговорност за нападот во кој загинаа 22-лица и тврди дека негова цел била токму потпретседателот.

Професорот Хофман вели дека и по преку пет години од почетокот на акцијата за уништување на Ал-Каида, таа покажува способност за прилагодување и продолжува со плановите за напади.

XS
SM
MD
LG