Линкови за пристапност

Талабани: Aмериканските трупи треба да останат во Ирак уште две до три години


Зборувајќи на прес-конференција во Париз, претседателот Талабани соопшти дека на Ирак му треба повеќе време за поразување на, како што ги нарече, меѓународните терористи кои оперираат во Ирак.

Тој ги повика коалиционите сили предводени од САД подолго да останат во земјата, но не уште 20 години, како што рече, туку 2-3 години. Тоа е доволно време, смета тој, Ирак да формира свои сили и да им каже довидување на Американците.

Порано неделава, американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд изјави дека Ирак има 310.000 обучени и опремени припадници на армијата. Но, тој сугерираше дека таа бројка се уште недоволна за да гарантира безбедност во Ирак:

„Целта е Ирачаните да имаат бројка безбедносни сили кои ќе имаат капацитет, опрема и обука, ефикасно да се грижат за безбедноста на земјата и да ја поддржуваат владата“

Прашањето за задржување на трупите во Ирак е контроверзна тема во САД спроти конгресните избори. Војната стана во голема мерка непопуларна и може да биде одлучувачки фактор за Демократската партија да ја преземе контролата во Конгресот.

Истражување на јавно мислење објавено во весникот Њујорк Тајмс индицира дека мнозинството Американци гледаат на војната во Ирак како најважно прашање кое ќе одлучи на кого да го дадат гласот.

Талабани започнува еднонеделна посета на Франција каде ќе се сретне со францускиот претседател Жак Ширак.

Француската влада се противеше на војната за соборување на режимот на Садам Хусеин пред три години и има мало присуство во оваа блиско-источна земја.

Талабани сака Франција поактивно да биде вклучена во развојот на Ирак и обновата на ирачките безбедносни сили

XS
SM
MD
LG