Линкови за пристапност

Ако една партија не биде дел од владата, треба да го прифати фактот дека ќе биде опозиција


Ако една партија не биде дел од владата, треба да го прифати фактот дека ќе биде опозиција - тоа е дел од демократскиот процес, порача Роберт Хенд, советник во Хелсиншката комисија на САД во разговор за Гласот на Америка на македонски.

- „Изборите ги исполнија меѓународните стандарди, според критериумите на ОБСЕ за фер и слободни избори и покрај извесните проблеми и инциденти за време на изборната кампања, како и некои нерегуларности на денот на гласањето“, оцени Роберт Хенд од советникот во Хелсиншката комисија на САД, кој за време на гласањето бил член на мониторингот на ОБСЕ во изборна единица во скопската општина Шуто Оризари.

Хенд смета дека не држи објаснувањето на партиските лидери дека не можат да ги контролираат активностите на најзагреаните активисти, на што јасно укажале и претставници од меѓународната заедница.

Тој ги коментираше и заканите од ДУИ дека ако не влезе во власта, ќе има ново насилство во Македонија:

- „Не е корисно да се посочува на минат период на насилство, зависно од исходот на гласањето или од тоа како оди формирањето на нова влада, ниту пак е воопшто добро да се етикетира партија како партија на насилство. Мислам дека неодамна беше направена споредба на ДУИ со милитантното крило на Хезболах. Таквата реторика не помага. Мислам дека треба да се откажат од насилство, да прекинат со меѓусебни обвинувања, и сериозно да продолжат да работат на формирање нова влада.“

Ако една партија не биде дел од владата, треба да го прифати фактот дека ќе биде опозиција, а тоа е дел од демократскиот процес, порача Хенд.

- „Мислам дека нема ништо лошо ако двете партии на Албанците во Македонија партиципираат во власта. Од друга страна, не е неопходно двете партии да бидат дел од владата. Нема ништо лошо ако една партија остане во опозиција. Тоа е демократија – да се прифати опозиционерскиот статус и да се притиска врз владата да постапува правилно.“

Тој е задоволен што консулатиците околу новата влада се водат меѓу сите партии. Според него, треба да се состави влада од која најголем интерес ќе има Македонија.

Најголем предизвик во овие моменти за Македонија е пренесувањето на власта да мине без потреси и новата влада да го продолжи прогресот на земјата, согласно Охридскиот договор. Тоа ќе значи дека шансите на Македонија за евро-интегрирање ќе останат релативно позитивни, вели советникот на Хелсиншката комисија на САД Роберт Хенд.

XS
SM
MD
LG