Линкови за пристапност

Светот остро реагираше на севернокорејското тестирање на проектили


Членовите на Советот за безбедност на ОН работат на нацрт-резолуција како реакција на тестирањето на проектили од страна на Северна Кореја во вторникот. Советот расправал за ситуацијата за време на вчерашната вонредна сесија, вели јапонскиот амбасадор во ОН Кензо Ошима, кој го повика ова тело да преземе „брза, енергична и решителна акција“. Американскиот амбасадор Џон Болтон потенцираше дека не постои меѓународна поддршка за тестирањето.

Вонредната сесија се одржа на барање на Јапонија откако Северна Кореја тестираше седум проектили кои паднаа во Јапонското Море - меѓу нив и еден од долг дострел, за кој стручњаците велат дека може да стигне до САД. Во Пентагон брзо реагирале и заклучиле дека нема директна опасност по САД:

- Секое лансирање беше детектирано, проследено и пресретнувачите беа на готовс. Мошне бргу утврдивме дека проектилите не претставуваат закана по САД и американските територии, кажа портпаролот Брајан Витман.

Реагираше и Белата куќа. Претседатeлот Буш го обвини Пјонгјанг дека намерно пркоси на меѓународната заедница:

- Светот, а особено ние во шестраните разговори, побаравме Северна Кореја како знак на добра волја да не лансира проектили. Нејзината влада го стори спротивното. Самите избраа така. Лансирањето само дополнително ја изолира Северна Кореја, а тоа е жално за нејзиниот народ.

Државниот секретар Кондолиза Рајс оцени дека лансирањето само покажало колку меѓународната заедница е обединета против таквиот потег. За Рајс, шестраните разговори за нуклеарната програма на Северна Кореја, во кои учествуваат САД, Јапонија, Кина, Русија, Јужна Кореја, а на кои е поканета и Северна, и натаму се начин за решавање на проблемот:

- Шестраните разговори обезбедуваат дипломатска инфраструктура. Тие покажуваат дека прашањето не се однесува само на САД и Северна Кореја, туку на регионот, кој порачува дека Северна Кореја мора да го смени односот.

Како што соопшти Стејт департментот, помошникот- државен секретар за источни прашања Кристофер Хил, кој е и главен американски преговарач во случајот, замина во регионот и треба да ги посети Пекинг, Сеул, Токио и Москва, на разговори за можните импликации.

Освен САД, лансирањето на проектилите го осудија и европските и азиските лидери.

Кина изрази загриженост за тестирањето. Руските власти побараа објаснување од севернокорејскиот амбасадор во Москва. Јапонија соопшти дека тестирањето е сериозен проблем по нејзината безбедност и го подигна нивото на борбена готовност. Јапонскиот премиер Јунихиро Коизуми повика на дијалог за решавање на кризата.

НАТО истакна дека тестирањата на проектилите ќе придонесат за натамошна изолираност на Северна Кореја од меѓународната заедница, а шефот за надворешна политика на ЕУ Хавиер Солана рече дека овој чекор само ја зголемува тензијата во и онака сложената ситуација во регионот.

Од своја страна, севернокорејското министерство за надворешни работи реагираше со коментар дека тестирањето е прашање на национален суверенитет и дека ниту една земја нема право да суди за таквиот потег.

XS
SM
MD
LG