Линкови за пристапност

Инцидентите во изборната кампања – нервоза поради неможност од манипулација со гласачите


Неодамнешните насилнички акти врз локалните седишта на партиите во изборната кампања, Џејмс Лион од Меѓународната кризна група ги карактеризира како зголемување на притисокот врз политичарите поради измените во изборниот законик, но и постојаните сигнали и предупредувања од меѓународната заедница - за одржување фер и демократски избори:

- „Политичките партии не се повеќе во можност да се потпираат на старите методи за освојување гласови. Некои од нив влегуваат во категоријата на насилни, брутални методи, што било случај и порано“.

За среќа, вели тој, насилствата во кампањата не се насочени на меѓу-етничко ниво, туку меѓу самите политичките партии на Македонците и на Албанците. Лион изрази надеж дека тоа нема да се префрли на меѓу-етничко препукување за време на гласањето.

Според него, внатрешните проблеми меѓу партиите на Албанците во Македонија излегуваат на виделина за време на изборната кампања. Тоа е начинот на кој Албанците традиционално ги надминуваат внатрешните несогласувањата – со насилство, вели советникот за Балканот од Меѓународната кризна група. Како пример го посочува Косово, каде во изминативе години има многу случаи на престрелки со жртви меѓу ривалски албански политички партии.

Лион верува дека Македонија има голем напредок изминативе години и изборите се време тоа да го потврди:

- „Се надеваме дека македонските власти ќе ги искористат претстојните избори како начин да демонстрираат зрелост, внатре во земјата. Тоа би бил силен сигнал до ЕУ дека е Македонија е подготвена за натамошен чекор во интегрирањето.“

Одговорот за датумот за започнување преговори за членство не треба да се бара само во Брисел, порачува експертот за Балканот од Меѓународната кризна група:

- „Се поставува прашањето – дали може Македонија да направи доволен чекор напред со кој ќе ги задоволи Македонците. Европејците велат: Ние сме тука. Ве чекаме. Приближувањето кон ЕУ зависи од вас.“

И покрај растечкиот евроскептицизам – ЕУ понуди перспектива за Балканот, особено за Македонија, смета Лион. Тој не гледа промени во политиката на Брисел, иако признава дека Унијата веќе отворено дебатира за нејзините нови граници и апсорбирачка моќ.

XS
SM
MD
LG