Линкови за пристапност

Годишен извештај на Амнести Интернешнал


Во извештајот се споменати четирите случаи врзани со конфликтот од 2001 за кои беше решено да бидат вратени од Хаг во земјата, како и тоа дека тројца поранешни официјални претставници се ослободени по обвиненијата за убиство на седумина мигранти во 2002 година.

Што се однесува до настаните поврзани со етничкиот конфликт од 2001, оваа меѓународна група за заштита на човековите права, наведува дека во околината на Скопје и покрај преговорите кон крајот на 2004, и натаму било видливо присуството на вооружена група етнички Албанци, вклучувајќи го поранешниот лидер на АНА, Агим Красниќи. Против него има обвинение по седум основи, а самиот им се предал на властите во август, за постапката да почне во октомври.

Документот се задржува и на случајот со исчезнатите во конфликтот. 20 лица, меѓу кои 13 Македонци, 6 етнички Албанци и еден бугарски државјанин, се уште се водат како исчезнати и за случајот е постигнат многу мал напредок. И покрај тоа што поранешниот командант на АНА, Даут Реџепи – Лека бил виден на јавен настан во Тетово во февруари, бил уапсен дури во септември. Во септември 2004 бил издаден налог за негово апсење во врска со киднапираните Македонци, а судењето започнало во октомври. До крајот на 2005, никој не бил обвинет за исчезнувањето на шестмината Албанци, се додава во извештајот.

Иако албанското малцинство е позастапено во полицијата и општинските власти, реформите за елиминирање на дискриминацијата врз малцинствата во Македонија, се спроведуваат со забавено темпо, стои во извештајот на Амнести интернешнал.

Во него се зборува и за високото ниво на невработеност и сиромаштија, наведувајќи податоци на Светската банка од ноември, за стапка на невработеност од 18 проценти, и апсолутна сиромаштија на 22 проценти од населението.

Амнести интернешенал посочува и на случајот со Калед Ел Масри, германски државјанин со либанско потекло, кој наводно бил притворен од македонската полиција на 31 декември 2003 и испрашуван за исламистичките организации.

Насилството против жените останува широко распространето во Македонија, заклучува извештајот.

Оваа организација за заштита на човековите права смета дека САД, Русија, Кина, Британија и други европски земји, ја запоставиле заштитата на индивидуалните права, за сметка на војната против тероризмот.

XS
SM
MD
LG