Линкови за пристапност

Независноста на Црна Гора и импликациите врз Србија и Косово


Психолошкиот ефект ќе биде значителен, вели Даниел Сервер, од Институтот за мир во Вашингтон: Ако Црна Гора не може да остане во заедница со Србија, тогаш и оние кои имаат помалку заедничко со Србија, како Албанците, исто така не ќе можат да живеат во иста заедница.

Црна Гора ќе се врати кон статусот на целосна независност која ја уживаше за време на 40 годишниот период меѓу 1878-ма и формирањето на Југославија во 1918-та.

Џејмс Лајан, белградски претставник на Меѓународната кризна група, вели дека отфрлањето на врските на Црна Гора со Белград секако ќе има силно психолошко влијание врз Србија:

„Сега кога веќе постојат Словенија, Хрватска, Македонија, Босна и Косово, добиваме Република во која има Срби кои и го вртат грбот на Србија и порачуваат – не сакаме да бидеме дел од вас. Ова е силен психолошки удар.“

За Србите и Црногорците честопати се вели дека се луѓе кои делат ист јазик и православна христијанска религија. Лајан изјави дека влијанието врз српската политика се уште не може да се измери, но гласањето на референдумот во Црна Гора може да ги охрабри Албанците на Косово, кои бараат независност од Србија.

Даниел Сервер е директор на Балканскиот проект во Американскиот институт за мир во Вашингтон. Тој вели дека влијанието од референдумот ќе ги надмине границите на Црна Гора.

„Психолошкиот ефект на меѓународно и регионално ниво ќе биде значителен. Ако Црна Гора не може да остане во иста држава со Србија, тогаш е многу очигледно дека луѓето кои имаат малку заедничко со Србија, како косовските Албанци, исто така нема да можат да живеат во заедница со Србија.“

ЕУ ги поздрави резултатите од референдумот во Црна Гора. Шефот за надворешна и безбедносна политика на Ууијата, Хавиер Солана беше архитектот на лабавиот сојуз меѓу Србија и Црна Гора, формиран во 2003-та. Според тој договор, која било страна може да излезе на референдум за независност, но не порано од март 2006-та. ЕУ инсистираше дека најмалку 50 проценти од регистрираните гласачи мора да учествуваат во народното изјаснување, а над 55 отсто од нив треба да се за независност.

Лиса Меклеин, претставник од вашингтонскиот Национален демократски институт во Подгорица, изјави дека следен чекор се технички преговори со Белград за раздружување

„Тие ќе го поделат долгот, резервите во злато и останатите работи. Тогаш на сцена доаѓаат прашања за државјанството на населението кое живее во Србија, а се црногорски граѓани. Потоа, следи прашањето за границите.“

Меклеин не гледа причина овие технички преговори да не бидат завршени до 13-ти јули, датумот кога црногорската влада се надева да објави независност.

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ вели дека негова прва задача ќе биде да склучи Договор за асоцијација и стабилизација со ЕУ, да развие позитивна врска со Србија и да постигне етничка хармонија во Црна Гора.

XS
SM
MD
LG