Група научници во САД неодамна соопшти дека успеале да излекуваат рак во поодмината фаза кај лабораториски глувци со помош на бели крвни зрнца на супер-здрави глувци отпорни на рак. Тие велат дека иако истражувањата даваат надеж, за лек против ракот кај човекот сепак ќе треба да се почека.
Во Интернет-публикацијата на Националната академија на науките, истражувачите од Универзитетот Вејк Форест во Северна Каролина објаснуваат како белите крвни зрнца од посебен вид на супер-здрав глушец, отпорен на рак, кога ќе се внесат во нормален глушец со рак во поодмината фаза, целосно го отстрануваат ракот.
„Сето тоа може да го видите со соптвени очи. Клетките со имунитет ги напаѓаат оние со тумор, по што заболените клетки се пумпаат како балон и на крај се распрснуваат“, вели Чен Тви, раководителот на истражувањето.
Во претходното истражување, истражувачите открија дека белите крвни зрнца од супер-здрави глувци ги штитат нормалните глувци изложени на канцерогени материи. Згора на се́, Тви вели кај излекуваните глодари не било забележано враќање на ракот.
Приказната за супер-глушецот започна во 1999-та, кога научниците внеле разни хемикалии во лабараториски глувци, со цел да ги студираат нивните реакции. Сите освен еден добиле рак, вели биологот Тви:
„Си рековме – најверојатно сме направиле грешка при внесувањето. Продолживме да му даваме инјекции, но кај него не се разви рак“.
Тви и колегите на големо изненадување забележале дека и половина од потомството на супер-глушецот биле целосно отпорни на која и да е́ форма на рак. Во моментов, научниците располагаат со околу 2.000 супер-глувци. Од некоја причина, која научниците се обидуваат да ја откријат, овие глувци имаат мутација што стимулира брза и крајно агресивна имунолошка реакција против ракот. Носители на таа реакција се белите крвни зрнца чија вообичаена улога е да спречат инфекција.
Брус Бојдлер е професор по имунологија на Истражувачкиот институт Скрипс во Калифорнија. Тој подвлекува дека 98 проценти од гените на глушецот се идентични со гените на човекот, така што е веројатно дека супер-мутацијата кај глувците против ракот постои и кај човекот.
“Клучното прашање е што е тоа што ја активира мутацијата и може ли таа мутација да се копира во форма на лек“, вели Бојдер.
Но, луѓето не се глувци. Тви подвлекува дека има многу фактори што влијаат на развивање на рак кај човекот, како и дека за целосно расветлување на генетската тајна на оваа мутација ќе биде потребно извесно време.