Линкови за пристапност

Отпор на предложените реформи во ОН


Повелбата со која се создадени Обединетите Нации беше потпишана од претставници на 50 држави во јуни 1945. Оттогаш, светската организација се зголеми на 191 членка. Природата на работата исто така се промени – од главно држење состаноци и форуми, на распоредување мировнички и хуманитарни мисии во светот.

Во контекст на поактивната улога на ОН, Генералниот секретар Кофи Анан го претстави планот за реформи.

"Ако ми дозволите да бидам отворен, нашата сегашна регулатива не одговара на денешните потреби, дури и отежнува на организацијата да работи ефикасно."

Предложените промени се однесуваат на процедурални прашања, вклучувајќи го и начинот на донесување на буџетот, предвидува мултимилионска инвестиција за обука и технологија и воспоставува мобилни сили од 2.500 професионални мировници.

Иако ОН традиционално се инволвирани во мировништво, таквата улога значително е зголемена. Во 16-те години по крајот на Студената војна, ОН презедоа два пати повеќе нови мировнички мисии отколку во претходните 44 години. Околу 70 проценти од буџетот на ОН кој изнесува 10 милијарди долари годишно, сега е наменет за поддршка на повеќе од 80.000 мировници распоредени на места како Хаити, Демократска Република Конго и на Косово.

Заради проширената мировничка улога, Линда Џејмисон од Центарот за стратешки и меѓународни студии, вели дека предлогот да се создадат сили за брзо распоредување, е добра идеја.

"ОН навистина треба да имаат способност за брзо реагирање, што значи комуникација и војска на теренот. Но треба да има и набљудувачи, армиски стручњаци – разни луѓе на различни нивоа кои ќе одговараат пред Советот за безбедност за тоа што навистина се случува во зоните на конфликт и тоа веднаш. ОН досега не се покажаа добри во тоа."

Господинот Анан предлага намалување на персоналот во седиштето, како и префрлање на некои административни задачи на теренот, како сметководството и преведувањето.

На овие предлози веќе има реакција од оние кои се плашат дека ќе ја загубат работата. Синдикатот на персоналот изгласа недоверба на предлозите на генералниот секретар.

Но и Групата од 77 земји во развој, предводени од Јужна Африка е против некои од предлозите, гледајќи ги како обид повеќе моќ да се концентрира во Секретаријатот и Советот за безбедност. Овие членки сметаат дека тие реформи се прават под притисок на САД во напор да се разводни влијанието на земјите во развој во Генералното Собрание.

Едвард Лак, професор на Колумбија Универзитетот во Њујорк вели дека ваквата реакција не изненадува.

"Често има напори за контра-баланс на САД во ОН. Ако САД се на една страна, некои држави брзо ќе застанат на другата – веројатно мислејќи дека постои некоја скриена агенда на која треба да и се спротивстават. Така се отежнува целата работа. А кога САД преземаат поконтроверзна тактика и се обидуваат да ги туркаат другите држави, станува и полошо. Се создава чувство кај нив дека мора да пружат отпор зашто САД се обидуваат да доминираат во организацијата."

Еден поттик за реформа беше минатогодишната истрага во програмата на ОН „Нафта за храна.“ Резултатот беше дека слабиот надзор на ОН бил делумно причината за широкораспространетата корупција во програма чија цел беше да му го олесни животот на ирачкиот народ под санкциите што ОН ги поставија за време на владеењето на Садам Хусеин.

САД, кои придонесуваат со 22 процента во буџетот на ОН ги поздравија напорите на Анан за реформирање на светската организација. Ова е американскиот амбасадор во ОН, Џон Болтон.

"Какви се шансите за навистина успешни реформи, не знам, но тоа е тест за ОН. Тест е за сериозноста на определбата на владите на земјите членки кои велат дека сакаат ефикасен систем на ОН. Ние се залагаме токму за тоа и се надевам дека ќе успееме да го постигнеме."

Но усвојувањето на реформите може да е тешко, особено што мандатот на господинот Анан истекува оваа година.

Познавачите на ситуацијата велат дека судбината на реформите ќе зависи од тоа кој ќе биде избран на местото генерален секретар, но и од тоа колку сериозно САД ќе се залагаат за предложените реформи.

XS
SM
MD
LG