Линкови за пристапност

НАСА во 2008-ма планира нова мисија на Месечината


На површината од Месечината има кратери што ги направиле астероиди и метеори во изминатите милијарди години. САД ќе направат уште еден кон крајот на 2008-ма.

Фокусот на ударот ќе биде област во јужниот пол, каде претходно американско вселенско летало забележа молекули на водород. Претходните истражувања не нудат одговор дали водородот е производ од смрзната вода. Затоа раководителот на проектот Даниел Ендрујс вели дека НАСА смета оти два судира ќе исфрлат доволно материјал да се разјасни ова прашање.

„Ќе создадеме голем кратер, ќе извадиме многу материјал, се надевам дека ќе наидеме на замрзната вода која ќе ни даде извонредна можност да сфатиме што има таму.“

Судирот ќе биде дел од извидничката месечева мисија на НАСА. Тоа ќе биде прв од серијата истражувања на САД по кои ќе уследат сателити, а со време и астронаути кои ќе бидат испратени на Месечината да создадат база од која ќе се оди на Марс. Првичната мисија е да се постави орбитер кој ќе направи мапа на површината на Месечината за идни места за слетување. Исто така треба да соберат и информации за нивото на радијација за да се избегне опасност за луѓето и да се истражат други потенцијални ресурси.

Заменикот-менаџер на програмата Батлер Хин вели дека НАСА не гледа само да пронајде вода туку и други извори кои ќе ги користат идните астронаути.

„Зошто е тоа важно? Затоа што такви избори ќе ги направат идните мисии на луѓето поефтини. Ако живееме од изворите кои ни се на располагање, тогаш целата мисија станува поефтина.“

Хин вели дека ископувањето е прв чекор и не многу скап обид да се определи составот на површината на Месечината, пред НАСА да испрати вселенски возила. Тој рече дека двата пола на Месечината не се истражени од мисиите на Аполо во 1960-тите и 1970-тите, кои на Земјата вратија примероци од камења од екваторијалниот регион.

„Една од првите работи ќе биде да се сними поларниот регион, кратерите и ресурсите, но и покрај се што ќе направите со други сензорски и далечински апарати, никогаш не сте сигурни што имате додека не го допрете.“

XS
SM
MD
LG