Линкови за пристапност

Стејт департментот за демаркација на северната граница меѓу Косово и Македонија


На трибината во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон за иднината на Косово, претставник од Стејт департментот изјави дека прашањето со демаркација на северната граница меѓу Косово и Македонија треба да биде решено како дел од преговорите за конечниот статус на српската покраина.

Веруваме дека на ова прашање треба да се обрати внимание како дел од процесот за статусот до времето кога ќе се донесе решение. Косово во моментов се фокусира на многу прашања, Македонија исто така, и ги охрабруваме обете страни да најдат решение за ова до крајот на процесот.

Ваков став изнесе Розмари Ди Карло, заменик-помошник секретар за Европа и Евроазија од Стејт департментот. Таа за Гласот на Америка на македонски потенцираше дека од Скопје и Приштина зависи кога ќе го решат ова прашање, но на целата работа треба да се гледа како дел од севкупниот договор за статусот на Косово.

На трибината во Вудроу Вилсон во Вашингтон се расправаше за можниот тек и исход од преговорите за конечниот статус на Косово. Никој од присутните не сакаше да го прејудицира решението, но поголемиот дел беа согласни дека мора да се почитува волјата на мнозинството. Независно од крајното решение, неопходно ќе биде меѓународно и воено присуство во покраината во следните години. САД продолжуваат со соработката со Контакт-групата, и повторија дека статус-кво е неприфатливо и неодржливо.

Амбасадор на Србија и Црна Гора во Вашингтон, Иван Вујачиќ, оцени:

Клучно прашање за косовските Албанци очигледно е независност, но за Србите е преживување.

Елез Биберај, кој е на чело на Евроазиската дивизија во Гласот на Америка, но кој говореше во својство на приватно лице, смета

Имајќи го во предвид големиот јаз што ги одвојува девете страни и бурната историја на албанско-српките односи, мое гледиште е дека шансите се нула Приштина и Белград самите ќе постигнат компромис за конечниот статус.

Вашингтон очекува во следните месеци од преговорите да продолжи конструктивниот дијалог, да забрза процесот на примена на стандардите, да се вклучат косовските Срби во процесот со цел да се слушне нивниот глас. САД и ЕУ треба да продолжат со поддршката но и со веќе кажаното – дека вратите на ЕУ и НАТО остануваат отворени.

Конечно решение за Косово мора да се постигне до крајот на 2006-та. Нема време за чекање. Белград и Приштина мора да ги подготват своите граѓани на компромис, порача Розмари Ди Карло, заменик-помошник секретар за Европа и Евроазија од Стејт департментот.

XS
SM
MD
LG